Sanja Janackovic
12 Јули 2020•Ажурирај: 12 Јули 2020
НИШ (АА) - Повеќе стотици демонстранти, кои протестираа во Ниш против актуелната власт и честите промени на епидемиските мерки веќе четврта последователна вечер, се упатија кон автопатот, но беа запрени од полициски кордон. Мирно седеа пред кордонот и немаше инциденти, јавува Агенција Анадолија (AA).
Неколку демонстранти ставија цвеќе и знамето на Србија пред полицијата. Се слушнаа и извиците „Ист народ сме“ и „Спуштете ги штитовите“.
Еден од демонстрантите се обрати кон полицијата преку мегафон.
„Претходните денови гледавме како ваши колеги ги тепаат луѓето кои мирно седат, ги туркаа и клоцаа децата од нивните велосипеди. Знаеме дека сега нема да ги спуштите штитовите. Се надеваме дека во одреден момент ќе застанете покрај вашиот народ“, рече демонстрантот.
Протестот, како и претходните денови, започна со собир пред Градското собрание во 19 часот, од каде колоната се движеше кон автопатот. Се слушнаа скандирања против властите и претседателот Александар Вучиќ.
Најмногу имаше млади луѓе, учесниците не носеа обележја на партии и други организации, а за првпат на еден од транспарентите можеа да се видат барањата. Едно од нив е сите членови на Кризниот штаб за сузбивање на Ковид-19 да поднесат оставка.