Almir Terzic
06 Декември 2021•Ажурирај: 07 Декември 2021
ЉУБЉАНА (АА) - Во Словенија вчера евидентирани се 775 позитивни резултати на ПЦР тестовите за коронавирусот. Тоа се околу 240 помалку заразени отколку што беше потврдено минатата недела, јавува Агенција Анадолија (АА).
Здравствените експерти наведуваат дека минатата недела била ветувачка во смисла на епидемијата на Ковид-19 во однос на претходните. Бројката на дневно потврдени случаи на коронавирусот продолжува да опаѓа, а како што се нагласува, бројот на активни случаи во Словенија прв пат по повеќе од месец дена повторно е под 30 илјади.
Опаѓа и бројот на хоспитализирани пациенти и на оние на кои им е потребно интензивно лекување, но тој пад е многу спор.
Покрај охрабрувачките бројки, ситуацијата во болниците и понатаму е многу тешка и здравствените работници нема да можат тоа да го издржат во недоглед, предупредува министерот за здравство Јанез Поклукар.
„Луѓето во Словенија, и покрај последователните повици за здравствена заштита, сè уште не ја знаат вистинската слика внатре во болниците. Светот на здравството и понатаму води жестока битка, на работ на очајот, исцрпен е и секако во итна потреба“, рече Поклукар.
Тоа е една од причините зошто помошта на италијанската војска, која во Словенија помага за нега и лекување на пациенти заболени од Ковид-19, е многу добредојдена.
На првите шест медицински работници на италијанската војска - двајца доктори и четири медицински техничари, кои вчера стигнаа во Словенија, денес ќе им се придружат и девет припадници на италијанската морнарица и военото воздухопловство.
Министерот за здравство на Словенија го повтори повикот за вакцинација и нагласи дека само подобра вакцинација и стриктното придржување кон владините мерки се основа за релативно нормален живот, дури и за време на божиќните и новогодишните празници.
Според податоците на Националниот институт за јавно здравје, со една доза од вакцините против Ковид-19 вакцинирани се 1.232.563 лица, а со сите дози 1.157.776 лица, што е 55 проценти од населението.
Досега со дополнителна доза од вакцините против Ковид-19 вакцинирани се 321.453 лица.