Husamedin Gina
02 Ноември 2020•Ажурирај: 03 Ноември 2020
СКОПЈЕ (АА) – Изложбата „Довидување Скопје - довидување граду наш мил. Евакуација на децата по земјотресот во Скопје 1963-1964“ од авторот проф. д-р Марјан Димитријевски, денес е поставена во просториите на Кинотеката на Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Авторот на изложбата, проф. д-р Марјан Димитријевски, во изјавата за АА рече дека за сегментот на судбината на децата од земјотресот во Скопје јавноста не е запознаена доволно и дека во трагедијата од земјотресот загинале вкупно 120 дечиња, или 10 отсто од вкупниот број на загинати.
„Тогаш беа испратени ширум Југославија преку 30 илјади деца што очекуваа дека таму барем малку ќе ја избегнат трагедијата да го гледаат разрушено Скопје“, нагласи професор Димитријевски, истакнувајќи дека вратите за децата ги отвориле сите републики на тогашна Југославија.
Тој, исто така, напомена дека во тогашна Југославија отворени се три училишта за децата од Скопје и тоа во Пореч и Црквеница, на хрватското приморје, и во Лесковац во денешна Србија.
„Едно од тие дечиња коишто се школуваа во Пореч сум јас, тогаш завршив второ одделение и интересно е тоа што јас сум емотивно врзан со тој Пореч и со таа година“, нагласи авторот на изложбата.
Тој, исто така, посочи дека наставата се водела на македонски јазик.
Изложбата е посветена на патешествието на скопските деца по земјотресот 1963 година, нивното сместување, престојот во бројни места низ тогашна СФР Југославија и школувањето на македонски наставен јазик во Пореч, Црквеница и Лесковац.