Husamedin Gina
26 Февруари 2020•Ажурирај: 27 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) – Делегација од Владата на Северна Македонија на градските гробишта во Бутел во Алејата на великаните положи цвеќе на гробот на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, по повод 16-годишнината од неговата трагична смрт, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во владината делегација беше министерот за информатичко општество и администрација на Република Северна Македонија, Дамјан Манчевски, заедно со министерот за образование и наука, Арбер Адеми, и со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
Покрај делегацијата, цвеќе положија и членовите на семејството на Трајковски, сопругата Вилма и ќерката Сара Трајковска, и здруженија на граѓани.
По повод 16-годишнината од трагична смрт на поранешниот претседател Трајковски, претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, напиша порака на социјалните мрежи.
Пендаровски потсетувајќи дека Трајковски имал клучна улога во процесот на помирување и склучувањето на Охридскиот рамковен договор истакна дека „Трајковски секогаш ќе биде запаметен по неговата визија за успешна Македонија."
„Претседателот Трајковски секогаш ќе го паметиме по неговата визија за успешна Македонија, неговата клучна улога во процесот на помирување и склучувањето на Охридскиот рамковен договор и неговата непосредност и ведрина. Денеска им оддаваме чест на Претседателот Трајковски и членовите на Кабинетот со полагање цвеќе кај Ротимље и на местата на нивните вечни почивалишта. Слава им, секогаш ќе живеат во нашите спомени“, напиша Пендаровски.
Денеска, исто така делегација на Владата предводена од министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, во чиј состав се министерот за странски инвестиции Елвин Хасан и заменик-министерот за култура Владимир Лазовски ќе присуствуваат на одбележувањето на 16-годишнината од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски кај Ротимље.
Поранешниот претседател Борис Трајковски загина во авионска несреќа заедно со осумчлената делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар на 26 февруари 2004 година.
Во авионската несреќа покрај претседателот Трајковски, животите ги загубија и портпаролот на претседателот Димка Илкова-Бошковиќ, советниците на претседателот Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот Марко Марковски и Бранко Ивановски.