Abdula Berisha
12 Ноември 2024•Ажурирај: 13 Ноември 2024
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, беше домаќин на претседавачот на ОБСЕ и министер за Надворешни и европски работи и трговија на Малта, Иан Борг, јавува Анадолу.
Двајцата министри одржаа тет-а-тет средба, по која се одржа и состанок на ОБСЕ Тројката на која учествуваа министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Малта, како и министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, која се приклучи на средбата преку видео-врска.
На прес-конференцијата по состанокот, министрите Муцунски и Борг ги потврдија заложбите за заеднички и координиран пристап во справувањето со сериозните предизвици со кои се соочува ОБСЕ, вклучувајќи го и конфликтот во Украина, како и потребата од стабилно финансирање и организациска функционалност на организацијата.
Министерот Муцунски му се заблагодари на Борг за успешното справување со предизвиците и можноста организацијата да продолжи со мисијата и „во најтешкиот политички-безбедносен момент во Европа по Втората светска војна“.
„Исклучително ги цениме вашите напори и начинот на кој управувавте со организацијата во годината што изминува. Во тој контекст, Валета претставуваше мост меѓу Скопје и Хелсинки. Се надеваме дека овогодинешното малтешко претседавање ќе му овозможи и на Хелсинки, местото каде што е потпишан завршниот акт, идното претседателство дополнително да ги зајакне целите на ОБСЕ преку политички дијалог“, рече Муцунски.
Претседавачот на ОБСЕ, министерот Борг, изјави дека Северна Македонија е вреден и доверлив придонесувач кон ОБСЕ.
„Оваа посета доаѓа како дел од нашиот поширок ангажман во Југоисточна Европа, со кој се нагласува влијанието на работата на организацијата на терен, како и силното партнерство меѓу ОБСЕ и земјите од овој регион, вклучително и Северна Македонија“, рече Борг.
Потсетуваме дека лани, Северна Македонија претседаваше со ОБСЕ, улога која оваа година ја има Малта. Идната година, предвидено е земја-претседавач со ОБСЕ да биде Финска.