Furkan Abdula
11 Февруари 2021•Ажурирај: 14 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека досега 25.401 граѓанин ја имаат пополнето апликацијата на веб-страницата „Vakcinacija.mk“ за искажување заинтересираност за вакцинација против новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се нагласува дека оваа платформа била пуштена во употреба вчера, и дека преку платформата граѓаните може да се пријават дека сакаат да се вакцинираат.
„Секој граѓанин кој ја пополнува формата за аплицирање, се регистрира во електронскиот систем „Мој термин“, а матичниот лекар ќе може да го види податокот за пациентот. Вакцинацијата против коронавирусот ќе се спроведува исклучиво преку предвидениот план кој е изготвен во Националниот план за имунизација на населението во Северна Македонија“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека процесот на вакцинирање на граѓаните ќе се одвива во три фази по приоритетни групи, и дека согласно распоредот предвиден во планот, матичниот лекар ќе ги повика и информира граѓаните за точниот датум и часот кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата.
„Со пополнувањето на регистрацијата, граѓаните искажуваат само интерес за вакцинација. Тоа не значи дека сте закажале и термин за вакцинирање. Датумот и часот за вакцинација го утврдува Националниот систем ,,Мој термин“, согласно фазите кои ги содржи Националниот план за КОВИД-вакцинација“, се наведува во ова соопштение, и се додава:
„Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст; лица постари од 70 години.“