Балкан

Во Северна Македонија започна меѓународната програма за обука во судството

Програмата, која ќе продолжи во следните два дена, е организирана со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во соработка со Турската академија за правда и Академијата за судии и обвинители на Северна Македонија

Abdula Berisha  | 22.05.2024 - Обновена : 24.05.2024
Во Северна Македонија започна меѓународната програма за обука во судството Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија започнаа меѓународната програма за обука и натпреварот за презентации за современи прашања во законите за човекови права, јавува Анадолу.

Програмата, која ќе продолжи во следните два дена, е организирана со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во соработка со Турската академија за правда и Академијата за судии и обвинители на Северна Македонија.

Претседателот на Академијата за правда на Туркије, Мухитин Оздемир, рече дека Академијата е ангажирана во ефективна обука на кадри за обезбедување правда.

„Наша цел е да обучуваме судии и обвинители посветени на правото и човековите права, непристрасни и независни, кои одлучуваат со својата слободна совест, кои се придржуваат кон принципите на професионалната етика, кои можат да одговорат на потребата на општеството за правда“, рече Оздемир.

Тој изјави дека обуката на судии и обвинители е толку суштинска што може да ја промени судбината на судството. Оздемир нагласи дека Академијата презема чекори за зголемување на квалитетот на обуката, истакнувајќи дека моментно обучуваат 1.047 кандидати за судии и обвинители во Туркије.

„Што се однесува до меѓународните обуки, подготвивме програми за обука на девет различни теми, со тренинг пристап ориентиран кон соработка. Од 2023 година обезбедивме обука за повеќе од 350 странски судии и обвинители од многу земји, вклучително и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија“, рече Оздемир.

Првиот човек на ТИКА во Скопје, Мехмет Бајрак, го изрази своето задоволство што агенцијата е еден од соработниците на програмата.

„Верувам дека во рамките на оваа програма дополнително ќе се зајакнат силните историски врски меѓу Туркије и Северна Македонија, две пријателски и братски земји“, рече Бајрак.

Тој потсети дека ТИКА во Северна Македонија функционира од 2005 година, спроведувајќи активности во различни сектори, како што се образованието, здравството, земјоделството, градењето капацитети на институциите, како и други области.

„Посебно во делот на судството и правосудството имаме добра соработка со различни институции преку нашата програма за градење на судските капацитети. На пример, оваа година обезбедивме техничка хардверска поддршка за Уставниот суд на Северна Македонија, а во 2020 година ја реновиравме и опремивме салата за состаноци. Го поддржавме и обновувањето на техничката инфраструктура на Судскиот совет, Државниот правобранител, Врховниот суд, Апелациониот суд во Скопје, Основниот суд во Тетово и оваа година планираме да придонесеме за регионалниот суд во Гостивар“, рече Бајрак.

Покрај техничките донации, тој ја истакна важноста на размената на искуства и знаења меѓу судиите и академиците.

На отворањето на програмата говореа и претседателката на Судскиот совет на Северна Македонија, Весна Дамева, претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, и други гости.

Тие изјавија дека обуката е важна за сите учесници, како кандидатите, така и активните судии и обвинители, на кои им е потребна оваа обука.

Што се однесува до натпреварот за презентација, тој првпат беше организиран пред две години во Анталија, Туркије, каде што победник беше кандидат од Северна Македонија.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.