Sanja Janjackovic
15 Ноември 2020•Ажурирај: 19 Ноември 2020
НИШ
Стадото овци на пасиштето се движи со брзина и правец според желбата на фармерот и потполно е безбедно од волците. Со него не управуваат овчарите, ниту овчарските кучиња, туку четири роботи поврзани со жичка со електричен напон, со кои фармерот преку паметен телефон управува од својот дом. Ваквиот систем го смислија и уште го развиваат нишките и белградските стручњаци.
Екипата на Агенција Анадолија (АА) го посети Машинскиот факултет во Ниш, каде што се наоѓа прототипот на робошеперд-системот. Пред да дојде на идејата за овој изум, иноваторот Душан Крстиќ знаел дека во Србија нема доволно сточен фонд.
„Како главна причина се наведува недостатокот на овчари, значи дека нема доволно работна сила, доволно луѓе обучени да ги водат поголемите стада на пасење, без оглед на тоа дали се овци, кози или крави. Затоа што таа работа е тешка и непопуларна, малкумина луѓе се одлучуваат да ја работат, па фармерите немаат друга можност освен огромните стада да ги фиксираат, односно да направат фиксна ограда“, раскажува Крстиќ.

Крстиќ појасни дека за да може пасиштето што подобро се искористи, фармерите го делат на многу помали делови.
„Тоа се вика прегонско пасење. Стадото секој ден го водите на друга парцела за да што поскоро се искористи целата површина. Тоа е комплициран и скап процес бидејќи треба да се развлечат големи количини мрежа и столбови за да се постигне тоа. Затоа идејата беше да најдеме мобилно решение, да осмислиме подвижна парцела која може да се шири и собира“, истакнува овој иноватор.
Во тоа и успеал. Системот го сочинуваат четири роботски единици поставени на возила со тркала. На роботите има подвижни зглобови на кои се подигнува висината на жицата, па подвижната ограда на тој начин може да се приспособи на животинските видови. Жицата се намотува, така што оградата останува затегната без разлика на тоа кој облик ќе го заземе четириаголникот, дури и кога роботите овчари меѓусебно се приближуваат или ќе се најдат на нерамен терен.
„Движењето на животните е добро за нивното здравје, а тоа им обезбедува и да јадат храна што им одговара, односно свежа храна. Ова им остава можност да бидат на сонце во природно опкружување. Така чуваните животни даваат и далеку поквалитетни производи, на пример, млеко, за разлика од оние што се чуваат во шталите“, нагласи Крстиќ.
Неговиот колега Милан Паниќ, доцент на Машинскиот факултет на Универзитетот во Ниш и технички раководител на проектот, наведува уште предности на робосточарството.
„Кога ја користите подвижната ограда, со животните можете да управувате од просторот во кој се чуваат до местата за пасење и поење. Тоа може да се повторува повеќе пати во текот на денот и секогаш да се менува локацијата на пасење. Тоа ја намалува човековата работа потребна за чување на животните и им овозможува сигурност на фармерите бидејќи големината на своето стадо можат да ја планираат врз основа на карактеристиките на системот“, рече Паниќ.
Прототипот може да покрие простор до 80 метри ширина и должина, што е, според стандардите, доволно за околу 620 овци, а тие во робошеперд-системот се однесуваат природно. Ова го докажаа летово со тестирањето на фарма во околината на Ниш со 280 овци.
„Системот со своите карактеристики приспособен е да може да се движи по многу тешки терени и да совладува нагорнина дури до 40 степени. Неговата влечна сила е многу голема и масата е таква да не може да загуби стабилност при движење дури и доколку дојде до удар на животни во оградата или во самиот систем“, објасни Паниќ.
За управувањето е потребно да се симне апликација од интернет и преку телефон или компјутер да се зададат ГПС-координати.
„Ја дефинирате ширината и должината на оградата во некои секции и секциите со кои системот се движи. Тоа значи дека можете да ги заобиколите туѓите парцели, згради, дрвја, сите други пречки. Прецизноста на позиционирањето е дури сантиметар“, говори координаторот на проектот.
Веќе постојат слични системи, но со виртуелно поврзани роботи во кои животните носат алка околу вратот преку која ги удира електричен импулс доколку го напуштат виртуелно одредениот простор. На тој начин животните не се заштитени од предатори. Робошеперд е првиот систем на физички поврзани роботи и тој овозможува жичената ограда со електричен напон од 10.000 волти да го одврати од стадото секое друго животно што ќе му се приближи.
Патентот е направен во Заводот за заштита на интелектуална сопственост на Република Србија и роботот овчар е спремен за понатамошен развој. Следните чекори се системот да се приспособи на сериско производство, а тоа, како што велат двајцата инженери, не е лесен, ниту брз, ниту евтин процес.
Проектот Робошепард во поголем дел се финансира од Програмата за соработка на науката и стопанството при републичкиот Фонд за иновациска дејност.