Serdar Dincel, Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout
08 Јуни 2026•Ажурирано: 08 Јуни 2026
Иран денес соопшти дека ги прекинува нападите врз Израел, но истовремено предупреди дека ќе изврши „разорувачки“ удар доколку израелската Армија продолжи со нападите врз Либан, пренесува Анадолу.
„По агресијата и злосторствата на бруталниот ционистички режим во Јужен Либан и регионот Дахија, што се случија со поддршка на злосторничката Америка, моќните вооружени сили на Исламската Република Иран му дадоа болен одговор на овој режим со цел да го поддржат угнетениот народ на Либан“, се вели во соопштението на Централниот штаб „Хаатм ал-Анбија“, кое го пренесе полудржавната новинска агенција Тесним.
Израел и неговите поддржувачи „требаше да ги научат“ лекциите од одговорот на Техеран, додаде Армијата.
„Врз основа на ова, се прогласува прекин на операциите на вооружените сили“.
Сепак, штабот предупреди дека „доколку агресијата и злосторствата продолжат, вклучително и во Јужен Либан, на пат се многу поостри и поразорувачки мерки“.
Тензиите ескалираа синоќа откако Израел го бомбардираше либанскиот главен град Бејрут и покрај тековниот прекин на огнот, што го предизвика Иран да лансира ракети кон Северен Израел во знак на одмазда, по што Израел започна неколку бранови воздушни напади врз Иран.
Во меѓувреме, израелскиот весник „Израел хајом“ објави дека Тел Авив и Вашингтон испратиле заедничка порака до Техеран, со уверување дека Израел нема повторно да напаѓа доколку Иран дефинитивно прекине со гранатирањето.
Во објава на својата платформа „Трут соушал“ рано утринава, американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Израел и Иран „веднаш“ да престанат со борбите по меѓусебните воздушни напади.