Admir Fazlagic
30 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Утрово во седум часот се отворени гласачките места во Македонија на кои граѓаните можат да го остварат своето право на глас на референдумот на кој прашањето гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“, јавува Anadolu Agency (AA).
Со право на глас на референдумот на државно ниво во избирачкиот список се запишани вкупно 1.806.336 гласачи. За да се постигне предвидениот цензус од 50 проценти плус еден глас, на референдумот треба да излезат најмалку 903.169 гласачи.
Државната изборна комисија (ДИК) има издадено акредитации за набљудување на 11.907 домашни и 493 странски набљудувачи.
На 30 јули Собранието на Република Македонија донесе одлука да распише референдум за Договорот за името што ќе биде консултативен и ќе се одржи на денешниот ден, 30 септември.
Официјалната кампања за референдумот започна на 10 септември.
Владејачката партија, Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), ја предводи Коалицијата „Заедно ЗА Европска Македонија“. Коалицијата ја сочинуваат триесетина партии кои се обединија во повикот до граѓаните за позитивен исход на референдумот и за евроатлантска иднина на Македонија.
Политичките партии се согласија да ги повикаат граѓаните да излезат и да гласаат „за“ на референдумот и за членство на Македонија во НАТО и ЕУ. Освен политички партии, во кампањата „за“ се вклучени и граѓански организации.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните на претстојниот референдум да гласаат по сопствено убедување и да донесат одлука.
Освен кампањите „за“ и „против“, има и граѓански здруженија кои сметаат дека референдумот треба да се бојкотира. Таканаречениот Кризен штаб против референдумот составен од неколку граѓански организации, настапува под слоганот „Македонија - бојкотира“.
Претседателотот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов неодамна истакна дека нема да излезе на гласање на референдумот, бидејќи, како што рече, двапати ја добил довербата на граѓаните за да не дозволи промена на Уставот, со цел промена на уставното име.
Во пресрет на референдумот, земјата ја посетија бројни странски дипломати и државни претставници, меѓу кои генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД) Џејмс Матис, високата претставничка на Европската унија (ЕУ) Федерика Могерини, германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц, како и други странски функционери кои ги повикаа граѓаните на Македонија да излезат на рефенрендумот и да гласаат за подобра иднина на својата земја.
Потсетуваме, владите на Република Македонија и Република Грција во јуни оваа година, во Преспа го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, Република Македонија треба го смени своето име во Република Северна Македонија.