Besar Ademi
30 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Од Државната изборна комисија (ДИК) на Македонија истакнаа дека на референдумот за спорот со името и членство во НАТО и Европската Унија (ЕУ) до 09:00 часот правото на глас го искористиле 2,45 отсто од вкупниот број на регистрирани гласачи, јавува Anadolu Agency (AA).
На првата прес-конференција на оваа институција за денешниот референдум, портпаролот на ДИК, Адмир Шабани, нагласи дека првите два часа од процесот на гласање поминале добро и без регистрирани инциденти.
„На гласачките места веќе два и пол часа гласањето се одвива на потребниот начин, сите гласачки места се отворени и во нив се одвива гласањето. До 9 часот, ДИК собра податоци за излезноста на гласачите од вкупно 71,35 отсто од гласачките места. Овие податоци покажуваат дека излезноста на гласачите во обработените гласачки места е 2,45 отсто“, рече Шабани.
Шабани информираше дека вкупно 1.806.836 гласачи до 19:00 часот ќе имаат право на глас во 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата. Тој додаде дека досега, во првите два часа од процесот на гласање, поднесени се три приговори, кои се одбиени од страна на ДИК.
Шабани рече дека највисоката стапка на излезност е регистрирана во Демир Хисар со 4,12 отсто, додека најниската стапка на излезност во Конче, каде што само 0,73 отсто од граѓаните го искористиле правото на глас.
Прашањето на референдумот, кој е трет по ред на државно ниво во текот на 27 години од независноста на Македонија, гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“
Референдумот се одржува по Договорот од јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, и претставува главен услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ.