Zülfiya Yakup
07 Октомври 2017•Ажурирај: 08 Октомври 2017
ПРИШТИНА (АА) - Покрај Бадовското езеро во селото Мрамор, оддалечено 22 километри од Приштина, во моментот се згрижени 19 кафеави мечки спасени од заробеништво. 16 од мечките потекнуваат од Косово а три од Албанија, јавува Anadolu Agency (AA).
Заштитниот центар наречен „Шума на мечки Приштина“ е отворен во 2013 година благодарение на меѓународната Фондација за заштита на животни “Vier Pfoten”, со седиште во Виена, Австрија, и со помош на Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање на Косово и општина Приштина.
О тогаш, во прифатилиштето во соработка со војниците на KFOR се префрлуват мечките кои илегално се држани во кафези во мини зоолошки градини во разни ресторани ширум Косово. Мечките спасени од заробеништво во Албанија се донесени минатата година.
Мечки поделени во групи
Во „Шумата за мечки “ до сега се вработени 16 лица, од кои осумина директно се задолжени за грижата на мечките.
Албана Хоти, надзорничка на чуварите на мечки, за АА изјави дека целиот проект е покренат благодарејќи на мечката Касандра, која била чувана во еден ресторан крај Сува Река и била оставена откако ресторанот е затворен.
„Сопственикот на ресторанот речиси никогаш не ја посетувал за да ја нахрани. Потоа една група од KFOR која ја презеде иницијативата, се грижеше за неа, ја ранеше и направија фотографии и видео снимки кои ги испратија до организацијата во Австрија која се занимава со заштита на животни „Vier Pfoten” или во превод „Четири шепи “. Тие потоа направија истражување во Косово за тоа колкав е бројот на мечките кои се наоѓаат во такви лоши услови и така започна овој проект “, вели Хоти.
Проектот, според нејзините зборови, има за цел да им помогне на животните, но резерватот секогаш е отворен и за посетители. Парите кои се собираат од симболичната цена на влезниците се користат за набавка на храна и грижа за мечките, но главните финансии доаѓаат директно од австриската организација.
Прифатилиштето „Шума на мечки Приштина “ се простира на површина поголема од 16 хектари, која Приштина ја даде на користење на 99 години. Од тоа за сега се искористени 10 хектари, така што за секоја мечка има повеќе од половина хектари земја, што е повеќе од предвидено од стандардите на организацијата “Vier Pfoten”.
„Мечките се поделени во групи. Некои од нив живееја заедно во кафези и немаат проблеми да живеат и тука заедно, особено на вака голема површина. Но забележавме дека некои мечки, преку оградата, се допаѓаат едни на други па ги споивме. Меѓутоа, сите машки мечки се кастрирани поради тоа што младенчињата не смееме да ги пуштиме во дивината, бидејќи на нив им се потребни околу две години да живеат со мајката. Така да доколку би дозволиле раѓање тие пак би живееле во затворени услови, заградени“, вели Хоти.
Албана Хоти, која по професија е биолог, објасни дека мечките во резерватот се среќни, иако на моменти имаат и тешки стресни моменти и страв од поголема група на луѓе, што е последица од нивниот тежок живот во заробеништво.
Воглавно вегетаријанска исхрана
„Мечките кои ги имаме тука припаѓаат на видот кафеави мечки населени во Европа, а особено присатни на Балканот. Во Косово, Албанија и на планините кои ги имаме заедно со Црна Гора има мечки, но нивниот број е многу мал и за жал спаѓаат во загрозен вид на кој му се заканува опасноста од исчезнување “, вели Хоти.
Таа рече дека во резерватот од 80 до 90 отсто од мечките се хранат вегетаријански, но во текот на неделата им се дава и одредена количина на месо, што значи дека исхрана е во согласност со нивната дива природа, јадат се од трева до месо. Сакаат да се качуваат по карпи, често влегуваат во мини водени базени да се разладат, а како и сите други мечки зимата ја поминуваат во сон.
„За среќа, тие зимаат се што им е потребно во текот на пролетта, летото и есента и околу 70 отсто од нашите мечки спијат во зимски сон. Сите тие зимскиот сон го имаа тука за прв пат, бидејќи во кафезите немале можност за такво нешто. Тие спијат околу два месеци и ние не ги гледаме, но се грижиме за нив“, изјави Хоти.
Таа истакна дека моментално работи на изградба на Едукативен центар кој ќе биде отворен во 2018 година и кој ќе им биде на располагање на посетителите со информации за мечките и изложби на фотографии од нив.