Besar Ademi
10 Декември 2018•Ажурирај: 10 Декември 2018
ПРИШТИНА (АА) – На Колеџот ААБ денес започна со работа Косовско-македонскиот безбедносен форум на тема „Зајакнување на безбедноста преку соработка помеѓу Косово и Македонија”, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер Штифтунг”, Универзитетот Климент Охридски, Факултетот за безбедност во Скопје и Колеџот AAБ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Колеџот ААБ, на отворањето на форумот, деканот на Правниот факултет, Ветон Вула, ја поздрави оваа иницијатива и истакна дека во текот на овие два дена ќе се дискутира за важни теми за двете земји.
Агим Нухиу, заменик министер за внатрешни работи на Македонија рече дека земјите од Западен Балкан треба да имаат стандардизирана безбедносна функција, која би требала да биде усогласена со евроатланските партнери.
„Безбедносниот систем е еден од најаважните постулати на државното постоење, додека заканите од правно криминални елементи и масовните приливи на миграции и понатаму се тестирање на безбедноста, владеењето на правото и правото на човековите права”, рече Нухиу, додавајќи дека Македонија и Косово треба да имаат силни врски со евроатланските држави.
Програмскиот менаџер во Канцеларијата за Косово на Фондацијата Конрад Аденауер, Гранит Тернава, рече дека важноста на оваа конференција е поврзана со продлабочувањето на соработката помеѓу Косово и Македонија во врска со безбедносните проблеми.
„Темата безбедност на регионално ниво е од посебно значење и секако заслужува внимание од сите нас. За жал, поради познати околности Косово неодамна не успеа да стане членка на Интерпол, со што е спречена меѓународна формализација на земјата. Меѓутоа, тоа никако не може да ја спречи регионалната соработка во решавањето на прашањата за безбедноста, а Македонија е земја со која Косово треба да ја продлабочи соработката”, рече Тернава.
Националниот координатор за државни реформи на Косово, Бесник Тахири истакна дека соработката, волјата и безбедноста се трите клучни фактори за стабилноста на земјата.
Целта на овој форум на кој учествуваат академски претставници од Македонија, Косово и Босна и Херцеговина е идентификација на механизмот за решавање на безбедносни ризици и закани.
Во рамките на овој форум ќе се анализираат и ќе се истражат три области кои се ослонуваат на концептот на безбедноста во двете земји, реформите од безбедносниот систем, терористички закани и закани од странски борци, ресоцијализација, дерадикализација и унапредување на безбедноста преку политика на право на малцинствата и ризик од промени на границите во регионот.