Vesna Besic
03 Февруари 2021•Ажурирај: 04 Февруари 2021
САРАЕВО (АА) - Во Босна и Херцеговина е докажано еднострано пренесување на вирусот САРС КоВ-2 од луѓе на домашни миленици, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за куче, а од Ветеринарниот факултет во Сараево наведуваат дека ова е само еден од низата случаи кои потврдуваат дека примарниот пренос е од човек на човек и дека ова се инцидентни ситуации.
Мухамед Смајловиќ, декан на Ветеринарниот факултет, истакна дека научниците од овој факултет се првите во БиХ и меѓу првите во регионот кои уште во јуни го изолирале автохтониот сој на вирусот САРС КоВ-2 и го секвенционирале неговиот ген, а резултатите ги испратиле до Светската здравствена организација.
„Нашиот истражувачки тим докажа еднострано пренесување на вирусот САРС КоВ-2 од луѓе на домашни миленичиња. Во најголем дел истражувањата беа финансирани од сопствени и од средства на меѓународните организации ИАЕА и УНДП“, рече Смајловиќ.
Тефик Голетиќ, раководител на Лабораторијата за молекуларно генетски и форензички испитувања, потврди дека со ПЦР-дијагностика го утврдиле првиот случај на инфекцијата на едно животно.
„Станува збор за куче. Тоа е откритие што нè става заедно со земји како што се Холандија, Данска, Франција, Шпанија, Белгија, Германија, САД и Кина. Тоа се земји каде има извештаи за заразување на домашни миленичиња и претежно станува збор за пренос од човек“, истакна Голетиќ.
Како што рече, нема никаква причина сопствениците на домашни миленичиња да бидат загрижени за здравјето на своите најблиски „бидејќи пренесувањето од домашно милениче, конкретно куче и мачка, сè уште не е утврдено никаде во светот“.
Амир Захировиќ, директорот на Клиниката на Ветеринарниот факултет, рече дека по сознанието дека кучето живеело со луѓе позитивни на Ковид-19 затоа што биле во исто домаќинство, стапиле во контакт со сопственикот затоа што сакале да извршат комплетен клинички преглед.
„Со прегледот се утврди дека кучето е весело и расположено, има апетит, а со специјалните испитувања не утврдивме никакви отстапувања од нормалната состојба“, појасни Захировиќ.
Нагласи дека не постои релевантен научно докажан пренос од куче на човек.
„Само во спротивна насока. Сè уште станува збор за еднонасочен пренос. Колку што знам, досега не е утврден ниту еден пренос од домашни миленици на луѓе“, истакна Захировиќ.
Наведено е дека до денес не е утврдена ниту трансмисија на т.н. птичји коронавирус на луѓе и во оваа смисла нема причина за каква било загриженост.