Admir Fazlagic
28 Февруари 2020•Ажурирај: 29 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ја разгледа информацијата во врска со следните чекори и одлуки кои се однесуваат на превенција на ширењето на коронавирусот и донесе заклучок да им се препорача на организаторите да ги откажат сите јавни собири до 6 март 2020 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Министрите во Владата на седницата констатираа дека сите мерки што ги презеде Министерството за здравство, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, како и постојаниот мониторинг од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, на Комисијата за заразни болести, како и на Институтот за јавно здравје ги постигнаа очекуваните резултати, дека ситуацијата со превенцијата и контролата за да се спречи непосакуваното ширење на коронавирусот се остваруваат целосно“, се вели во соопштението од прес-службата на Владата.
„Во насока на натамошна соодветна превенција, Владата го прифати предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, одржан на 27 февруари 2020 година, формиран врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство, и донесе заклучок да им се препорача на организаторите да ги откажат сите јавни собири до 6 март 2020 година“, информираат од Владата.
Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот „Прочка“ во Прилеп и сите слични.
„Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Владата се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации“, стои во соопштението.
Владата на Северна Македонија на денешната седница препорача сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести.
Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести да продолжи да ги известува Владата, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, и Кризниот штаб, за епидемиoлошката состојба со коронавирусот, за да се планираат идните чекори во превенцијата и справувањето со ситуацијата.
„На оваа своја седница Владата ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) да направат увид и контрола на залихите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките и доколку утврдат неосновано покачување на цените да преземат мерки соодветно на законските прописи и овластувања“, стои во соопштението.
Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи до наредната седница да достави информација како се спроведуваат мерките што ги одреди Кризниот штаб.
„Како еден од заклучоците на оваа седница е и одлуката да се воспостави соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија и да се повикаат нивните волонтери да асистираат на граничните премини во анкетите на лицата што влегуваат во земјата во соработка со припадниците на граничната полиција", соопшти Владата.
На денешната седница Владата ја разгледа информацијата за последиците од невремето со силниот ветер на 26 февруари и донесе заклучок да ги повика Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да започнат постапки за одговорноста за рушењето на фасадите и другите делови од јавните објекти, врз основа на увидот на стручните служби што го направија за оштетувањата на зградите на МЕПСО, на Владата на Северна Македонија, како и на другите објекти.
Министерот за здравство на Северна Македонија на денешната прес-конференција, истакнувајќи дека вчера имале состанок на Комисијата за заразни болести, рече дека е дадена препорака да се ограничат масовните јавни собири, со фокус на карневалите во Струмица и Прилеп.
„Нашиот предлог ќе биде да се забранат сите јавни собири кај што има голема бројка на луѓе, без разлика дали се на затворено или на отворено. Во затворен простор ризикот на пренесување на инфекцијата е поголем, меѓутоа исто важи и на отворен простор ако дистанцата помеѓу луѓето е мала“, нагласи Филипче, додавајќи дека треба да се откажат и спортските натпревари.
Во средата, на 26 февруари во земјава е потврден првиот случај на зараза од коронавирус (Ковид-19).