Husamedin Gina
28 Февруари 2020•Ажурирај: 29 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) – Техничкиот премиер на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се обратија на конференцијата „Секундарно и терцијално ниво на здравство“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање, премиерот Оливер Спасовски, истакнувајќи дека проектот е многу значаен, рече дека од него ќе излезат најдобрите и оптималните насоки за стратегијата за развој на секундарната и терцијалната заштита на граѓаните на Северна Македонија.
„Истовремено овој проект ги потврдува заложбите на Владата да организира спроведлив и одржлив здравствен систем во сите степени и систем кој првенствено ја има грижата за здравјето на граѓаните“, нагласи Спасовски.
Истакнувајќи дека како Влада вложуваат во зајакнувањето на човечкиот капитал во здравството, Спасовски додаде дека човечкиот капитал во болниците, лекарите и здравствените работници, мора да бидат мотивирани за да работат и да не размислуваат за заминување надвор од државата.
Министерот за здравство, Венко Филипче, во своето обраќање истакна дека на конференцијата ќе се утврдуваат приоритетите што ќе се финансираат од Европската Унија (ЕУ) и од другите донатори.
„Денешниот иницијален состанок го посветуваме на заедничко разгледување на наодите и препораките од проектот за анализа на ефикасноста на системот на секундарна и терцијална здравствена заштита во Република Северна Македонија“, истакна Филипче.
Проектот е финансиран од Европската Унија (ЕУ), а глобалната цел на проектот е анализа на функционирањето и достапноста на секундарната и терцијалната заштита за обезбедување висококвалитетен, безбеден и економичен систем на здравствена заштита.