Балкан

Владата на РМ од Унгарија бара екстрадиција на Груевски

„Владата на РМ очекува дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и во согласност со почитувањето на меѓународното право ќе овозможат враќање на Груевски во Македонија", се вели во соопштението на Владата.

Admir Fazlagic  | 20.11.2018 - Обновена : 21.11.2018
Владата на РМ од Унгарија бара екстрадиција на Груевски

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Откако поранешниот премиер на Република Македонија Никола Груевски на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека Унгарија одговори позитивно на неговото барање за добивање политички азил, преку писмено соопштение до јавноста реагираше Владата на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Никола Груевски е осуден со правосилна пресуда во јавен и транспарентен процес, а истовремено против него се водат уште неколку судски постапки, истраги и уште една предистражна постапка. Осудениот Никола Груевски беше под полициска заштита согласно со правата кои му следуваа како поранешен премиер и тој во ниту една ситуација нема пријавено закани по неговиот живот", се вели во соопштението на Владата.

„Против Никола Груевски никогаш не бил воден никаков политички прогон и не се евидентирани никакви закани по неговиот живот, ниту пак која било владина институција вршела закани по неговиот живот. Оттука констатираме дека единствена цел на Груевски е избегнување на правдата", стои во владиното соопштение.

Се додава дека Владата на Република Македонија официјално покрај протестната нота доставена вчера за улогата на амбасадите на Унгарија во неговото бегство од земјата и испрати барање за екстрадиција проследено со севкупната документација за процесите и пресудата.

„Владата на Република Македонија очекува дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и во согласност со почитувањето на меѓународното право како земја членка на ЕУ и НАТО ќе овозможат враќање на Груевски во Македонија со цел да си ја отслужи казната затвор и да одговара за останатите дела за коишто е обвинет", се наведува во соопштението.

Меѓу другото, во соопштението пишува дека „Република Македонија е правна држава во којашто владеат законите. Секој оној за којшто се докажало дека ги прекршил законите и секој оној за којшто има правосилна пресуда, ќе одговара за своите постапки".

Груевски: Унгарија одговори позитивно на моето барање за политички азил

Груевски, на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук денеска потврди дека Унгарија одговори позитивно на неговото барање за добивање политички азил.

Потсетуваме, по објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, кое распиша меѓународна потерница за Груевски.

Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавка на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.