Abdulbesar Ademi
05 Јули 2024•Ажурирај: 16 Јули 2024
СКОПЈЕ (АА) - Ќамуран Хирда, 57-годишникот кој патуваше 42 дена со велосипед од Скопје до Мека, се врати во Северна Македонија по воздушен пат откако го исполни петтиот услов на исламот, аџилакот, јавува Анадолу.
Хирда, планинар и велосипедист, на Меѓународниот аеродром Скопје беше пречекан од членовите на неговото семејство и членовите на Еколошкото здружение „Скопје“.
Зборувајќи за медиумите по пристигнувањето на аеродромот, Хирда го опиша патувањето како „предизвикувачко“, но „најдоброто и најслаткото“ што го направил досега.
Велосипедистот од Скопје рече дека иако патот бил тежок, особено планините на Балканот и Туркије, и горештините и сушата од Аман до Мека, задоволството и љубовта што ја добил на патот кон Мека „не се опишуваат со зборови“.
„Каде и да застанев, каде и да отидев, доживував голема почит и чест, каде и да ме видоа. Ова никогаш не можам да го заборавам и ќе ми остане доживотен спомен кој без да го доживеев немаше да го знам тоа чувство, но кога го доживеав видов колку се луѓето благородни, колку се хумани, колку помагаат“, рече Хирда.
Тој, заедно со 60-годишниот Адем Аљиќ од Грачаница, Босна и Херцеговина, отпатуваа со велосипед преку Бугарија до југоисточна Туркије. Поради војната во Сирија, прелетаа од југоисточна Туркије до главниот град на Јордан, Аман, од каде го продолжија своето патување до Мека на велосипеди.
Хирда истакна дека е во добра здравствена состојба и дека патот до Скопје можел да го помине и со велосипед, но поради и онака долгото време далеку од родниот град, решил да се врати со авион.