БЕРЛИН (АА) - Министрите за надворешни работи од Западен Балкан денес одобрија три регионални договори и тоа за слободата на движење со лична карта, за признавање на високошколските квалификации и за признавањето на професионалните квалификации за докторите на медицина, докторите на дентална медицина и архитектите, на министерскиот состанок на Западен Балкан и Европската Унија што се одржа вчера во рамките на Берлинскиот процес што го организираше Владата на Германија во Берлин, известува Агенција Анадолија (АА).
„Денес гордо покажуваме дека сеопфатната регионална соработка и заедничкиот регионален пазар носат резултати. Регионот усогласи три главни договори за мобилност кои ги координираше Советот за регионална соработка, а чие влијание, преку нивната имплементација, многу бргу ќе може да се види на теренот, исто како што тоа беше случај со зелените коридори и регионалниот договор за намалување на цената на роаминг“, рече Мајлинда Брегу, генералната секретарка на Советот за регионална соработка (СРС).
Таа истакна дека Советот за регионална соработка е главен партнер на регионалните преговори и главна сила на Берлинскиот процес.
Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок ги поздрави напорите што СРС ги прави на чело со Брегу.

Брегу нагласи дека се радува на конкретниот пример на враќање на визионерскиот и пионерски Берлински процес.
„Овој процес беше од суштинска важност за постигнување на резултати во областа на поврзувањето на младите, зелената агенда, заедничкиот регионален пазар, интеграција на Ромите, како и бројни други програми во нашиот регион и Советот за регионална соработка имаше важна улога во неговите бројни резултати“, нагласи Брегу.
Таа истакна дека движењето со лична карта во Западен Балкан е главниот од трите постигнати договори.
„Ни требаа речиси две години интензивни преговори да денес тука дојдеме до усогласување на верзијата на документот. Но, кога се сака, сѐ се може. Со овој договор се урива и последниот преостанат ‘визен ѕид’ во регионот. Знам дека безвизниот режим во регионот не е исто што и безвизниот режим во ЕУ, меѓутоа, во вистинската поставка на нештата тој претставува предводник на нашиот регион кон единствен пазар. Националните политики остануваат пресудни за секого, но можат да имаат и важна улога во поефикасно спроведување на регионалните иницијативи. Цел на сето тоа е регионална поврзаност и заедништво. Регионалната и мултилатерална соработка и солидарност доаѓаат до израз во време на криза“, истакна Брегу.
Таа додаде дека Советот за регионална соработка од своја страна подготвен е да помогне во развојот на регионот, неговата европска перспектива и безбедност.
„Нема сомневање дека динамиката на Советот не може да ја замени одговорноста и подготвеноста на локалните политичари да ги одржат своите ветувања, но, подготвени сме меѓу самитите да придонесеме за спроведување на Берлинскиот процес, како на јасен, структуриран и координиран начин обврските би се преточиле во практична работа и бидат исполнети“, заклучи Брегу.
Се очекува сите три договори да бидат потпишани на самитот на шефови на држави и влади во рамките на Берлинскиот процес, што е закажан за 3 ноември во главниот град на Германија.
Генералната секретарка на Советот за регионална соработка во четвртокот се обрати и на состанокот на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес. Пред самитот ќе се одржат форуми за млади, цивилни друштва и бизнисмени, на кои вниманието ќе се посвети на енергетската сигурност, Зелената агенда и заедничкиот регионален пазар.
news_share_descriptionsubscription_contact
