Zülfiya Yakup
16 Април 2018•Ажурирај: 17 Април 2018
ПРИШТИНА (АА) - Европската Унија како свои членки нема да ги прими земјите со проблеми и Косово мора да ги реши односите со Србија, порача во Приштина бугарскиот премиер Бојко Борисов, чија земја моментално претседава со Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Борисов на заедничката конференција за новинарите со претседателот на Косово, Хашим Тачи, истакна дека Косово треба да го продолжи дијалогот со Србија, со цел да се решат меѓусебните проблеми и за животот да се развива без војна.
„Нема да кажам ништо друго како алтернатива, нема алтернатива. Ја видовме претходната алтернатива и парамилитарните формации и сè друго и не сакаме да се враќаме во минатото, во тој ужасен период на Балканот. Искрено се надевам дека Скопје и Атина ќе ги решат недоразбирањата и дека нашите пријатели од Македонија ќе влезат во НАТО и ЕУ. Ние со Македонија дадовме добар пример за решавање на недоразбирањата. Вие сте принудени заедно со Србите да ги решите недоразбирањата, а потоа гарантирам дека ЕУ ќе гледа со други очи кон нашиот регион“, рече Борисов.
Борисов истакна дека не може да даде совет како да изгледа конечниот договор меѓу Косово и Србија, бидејќи на Балканот е неблагодарно да се даваат совети, но порача дека мора да се најде компромис.
„Доколку не потпишете договор со Србија, тогаш ниту Косово, ниту Белград нема да влезат во ЕУ. Ова е клучен договор бидејќи ЕУ не сака да ги префрлите вашите историско-географски проблеми, па затоа ваша работа е да пронајдете разумен компромис и да продолжиме понатаму“, рече Борисов.
Тој истакна дека егоизмот на одредени земји е штетен за Европската Унија и дека земјите од Западен Балкан мора да ги исполнат потребните критериуми. Тој, исто така, истакна дека претстојниот Самит на ЕУ и Западен Балкан во организација на неговата земја во мај во Софија, ќе биде интересен состанок на кој ќе учествува елитата од Балканот и Европа, и дека ќе се најде начин за претставување на Косово на Самитот.
Косовскиот претседател Тачи рече дека Бугарија е пример за другите земји од Западен Балкан како треба да одат на патот кон евроатланската интеграција. Според него, Косово ги исполнило сите потребни 95 критериуми и се движи во вистинска насока, особено откако договорот за демаркација на границата со Црна Гора е ратификуван во Собранието.
„Самитот во Софија е единствена можност за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан. Ова, секако, подразбира надминување на регионалните недоразбирања и ја искажав нашата решителност во врска со процесот за нормализирање на односите со Србија, олеснет од ЕУ. Косово не бара само дијалогот со Србија да продолжи, туку да се претвори во процес на добрососедски односи, помирување и мир за Косово и Србија, но и за целиот регион“, рече Тачи.
Тој ја повика Русија да го признае Косово и да го отстрани нивното вето во Советот за безбедност на ОН, бидејќи како што рече, Косово на никого не му е непријател.
Тачи и Борисов разговараа и за инфраструктурните проекти кои на Западен Балкан ги финансира ЕУ, и кои се од голема важност за модернизацијата на целиот тој простор.