Oktaj Omeragik
06 Ноември 2018•Ажурирај: 06 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Турско-македонскиот бизнис-совет на ДЕИК (Одбор за надворешни економски односи на Турција) и со учество на амбасадорот на Република Македонија во Анкара, Звонко Муцунски, беа разгледани „Можностите за бизнис и инвестиции во Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање, амбасадорот на Република Македонија, Муцунски, истакна дека Турција и Македонија се цврсто врзани со корени кои се протегаат во минатото и дека меѓусебно ги соединува чувството на пријателство. Тој посочи дека Македонија е подготвена да им излезе во пресрет на турските бизнисмени во решавањето на сите видови проблеми со кои ќе се соочат.
Амбасадорот на Македонија рече дека Турција енергично ја поддржува Македонија во нејзиното интегрирање во евроатланските институции, и истакна дека од осамостојувањето на Република Македонија досега, Турција за Македонија е земја пријател и поддржувач.
Зборувајќи дека слободните трговски зони во Македонија нудат многу можности за бизнис, Муцунски рече дека посакува турските бинисмени Македонија да ја гледаат како врата отворена кон Европа.
Билал Кара, претседател на Турскиот бизнис-совет на ДЕИК, информираше дека обемот на трговската размена меѓу Турција и Македонија изнесува 475 милиони долари, но посочи дека турскиот бизнис-свет планира оваа трговска размена да ја издигне на ниво од 1 милијарда.
Тој рече дека значајни можности за инвеститорите постојат особено во полето на земјоделството, градежништвото и енергетиката, и информира дека последните 10 години забрзано се зголемуваат турските инвестиции во Македонија.
Кара рече дека околу 100 турски фирми имаат инвестирано околу 1,2 милијарда евра во Македонија на различни полиња, како што се банкарството, образованието, здравството, градежништвото, земјоделството, текстилот, малопродажбата и туризмот.
Истакнувајќи дека голем број турски претприемачи спроведуваат прелиминарно истражување и физибилити студии во Македонија на најразлични полиња, како што се производството на енергија и дистрибуција, потоа во областа на земјоделството, сточарството, хотелиерството, здравството, Кара рече:
„Гледајќи кон потенцијалите на двете земји, може да се забележи дека суштински има уште многу нешта што можат да се направат. Македонија, со тоа што се наоѓа во срцето на Балканот и со тоа што е вклучена во договори за слободна трговија, има пристап на пазар со популација од 650 милиони луѓе. Затоа Македонија не ја гледаме само како единка, туку земја која претставува потенцијал заедно со подрачјата од нејзината околина.“