Турција

Турција: Во септември се одржува првиот Босфорски триатлон

- На Босфорскиот триатлон спортистите ќе пливаат 2.300 метри, ќе возат велосипед 90 километри и ќе трчаат 21 километар.

Erkan Tiryaki  | 27.04.2021 - Обновена : 28.04.2021
Турција: Во септември се одржува првиот Босфорски триатлон

АНКАРА 

- Еркан ТИРЈАКИ

​​​​​​​

Претседателот на Федерацијата за триатлон на Република Турција, Бајрам Јалцинкаја, изјави дека во септември за прв пат во Истанбулскиот Теснец ќе биде организиран Босфорскиот триатлон, јавува Агенција Анадолија (АА).

Јалцинкаја во разговор за АА изјави дека ги извршиле сите потребни подготовки за овој натпревар.

„Трката ќе ја одржиме на 11 и 12 септември. Тоа ќе биде првиот триатлон на Босфор. Оваа трка ќе биде своевиден бренд и ќе даде сериозен придонес во промоцијата на нашата држава и спортскиот туризам. Сакаме да почнеме со 600 туристи. Следната година сакаме тој број да го зголемиме на 2.000, а на 100-годишнината на Република Турција во 2023 година на 3.000“, изјави Јалцинкаја.

Тој истакна дека имаат намера натпреварот да се одржи под називот „Претседателски истанбулски босфорски триатлон“ и дека сакаат да стане традиционална трка.

„Се надевам дека натпреварот ќе го организираме во септември доколку нема некои проблеми поради пандемијата на коронавирусот. Работиме на организацијата на натпреварот веќе две години. Не можевме да го одржиме минатата година поради пандемијата, но сакаме да го сториме тоа оваа година“, додаде Јалцинкаја.

Планирано е трката веќе наредната година да добие меѓународна димензија.

Целта е натпреварот, што ќе влезе во календарот на Европската асоцијација за триатлон (ETU) наредната година, да биде домаќин на завршните натпревари на Европското првенство 2023 година.

Триатлон е атлетски натпревар што во себе содржи три различни дисциплини. Најчесто под триатлон се подразбира спортски натпревар во дисциплините: пливање, велосипедизам и трчање. Натпреварувачот за време на трката мора да ги премине однапред зададените патеки пливајќи, возејќи велосипед, односно трчајќи според однапред зададен распоред.

На Босфорскиот триатлон спортистите ќе пливаат 2.300 метри, ќе возат велосипед 90 километри и ќе трчаат 21 километар.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.