Muhammet Emin Avundukluoğlu
27 Април 2021•Ажурирај: 28 Април 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот Парламент денес ги осуди изјавите на американскиот претседател Џо Бајден за тврдењата на Ерменците за настаните во 1915 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Како Големо народно собрание на Турција, со жалење и остро ги осудуваме изјавите на американскиот претседател Џо Бајден од 24 април 2021 година во врска со усвојувањето на тврдењата на ерменското лоби за настаните од 1915 година“, се вели во заедничката декларација на политичките партии.
„Остро ги отфрламе овие неосновани клевети кои немаат друго значење освен изобличување на историјата со политички мотиви“, се додава во декларацијата.
Парламентот го повика Бајден да ја поправи својата грешка со промена на неговите изјави за настаните од 1915 година.
„[Го повикуваме Бајден] да ги поддржи турскиот и ерменскиот народ да живеат во мир, стабилност и безбедност“, се нагласува.
Во саботата, Бајден ги нарече настаните од 1915 година „геноцид“, кршејќи ја долгогодишната практика на американските претседатели за воздржување од користење на тој термин.
- Ставот на Турција за настаните од 1915 година -
Ставот на Турција во врска со настаните од 1915 година е дека смртта на Ерменците во источна Анадолија се случила кога одреден дел од нив застанале на страната на руските освојувачи и се побуниле против османлиските сили. Последователното преместување на Ерменците резултирало со голем број жртви.
Турција се противи на претставувањето на овие настани како „геноцид“, опишувајќи ги како трагедија во која двете страни претрпеа жртви.
Анкара континуирано предлагаше формирање заедничка комисија на историчари од Турција и Ерменија, како и од меѓународни експерти, за решавање на ова прашање.
Во 2014 година, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, тогаш премиер, изрази сочувство до потомците на Ерменците што ги загубија своите животи во настаните од 1915 година.