Bojana Stojanovic
12 Март 2021•Ажурирај: 13 Март 2021
БЕЛГРАД (АА) - На денешен ден, пред 18 години, беше убиен Зоран Џинџиќ, првиот демократски избран премиер на Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Оваа година, како и претходните години, членовите на Владата на Србија, предводена од сегашната премиерка Ана Брнабиќ, положија венец на местото на кое беше извршен атентатот на Џинџиќ, а потоа венци на спомен-плочата ќе положат и членовите на Владата што ја предводеше.
Зоран Џинџиќ беше убиен на 12 март 2003 година во дворот на зградата на српската Влада, а за неговото убиство на 40 години затвор осуден е офицерот на Единицата за специјални операции (ЈСО) на Ресорот за државна безбедност, Звездан Јовановиќ. На истата казна за организирање на убиството осуден е и командантот на ЈСО, Милорад Улемек.
Политичката заднина на убиството никогаш не е откриена.
Зоран Џинџиќ е роден на 1 август 1952 година во Босански Шамац, Босна и Херцеговина.
Беше првиот некомунистички градоначалник на Белград по 1945 година, како и еден од основачите на Демократската партија, во која беше претседател на Извршниот одбор, а од јануари 1994 година до убиството беше претседател на Демократската партија.
Џинџиќ беше првиот премиер на Србија по падот на режимот на Слободан Милошевиќ во 2000 година и доаѓањето на власт на Демократската опозиција на Србија (ДОС), а за време на неговиот мандат беше започнат процесот на демократизација на општеството и на темелни економски и социјални реформи.
Владата на Србија за време на неговиот мандат се залагаше за соработка со Хашкиот трибунал и во тоа време уапсени се и испорачани неколку обвинети, меѓу кои и поранешниот претседател на Србија и Југославија, Слободан Милошевиќ.