Andelija Stojkovic
01 Септември 2017•Ажурирај: 02 Септември 2017
БЕЛГРАД (АА) - Денес голем број верници ја клањаа молитвата бајрам-намаз во џамијата Бајракли во Белград, со што започна славењето на празникот Курбан-бајрам, јавува Anadolu Agency (АА).
Голем број верници ја клањаа молитвата во џамијата и пред неа, а во близина на една џамија во Белград беше присутна и полицијата.
Реис-ул улема на исламската заедница на Србија, Сеад Насуфовиќ, изјави дека човекот е она што Алах најмногу го сака.
„Во овој ден, кога се одрекуваме од нешто, мораме да знаеме од што и зошто. Се жртвува она што ти е драго, што го сакаш и по кое копнееш“, изјави Насуфовиќ за време на молитвата.
Во бајрамската порака, упатена вчера, Насуфовиќ порача дека милиони муслимани во светот овој празник го дочекуваат разделени од блиските поради војната и ги повика оние што живеат во мир да не дозволат празникот да го дочекаат скарани со членовите на своето семејство.
„Милиони муслимани денес не го слават празникот во својот дом и во татковината. Поради ужасите на војната, расеани се по целиот свет и тагуваат по своите најмили, а најмногу по своите настрадани деца. Затоа, браќа и сестри, вие кои живеете во мир и во својот дом и татковина, не дозволувајте овој Бајрам да го дочекате скарани со вашиот брачен другар или член од семејството“, наведе Насуфовиќ во пораката.
Тој ги повика муслиманите да се откажат од своето его, разни и празни изговори, умислената гордост и умислениот прицип за правилата на животот, и тоа да биде нивната жртва за мир и слога во домот и ги повика муслиманите да се молат за своите блиски, но и за непознатите.
Бајрамската софра ќе биде организирана во 17.30 во Земунско поле, каде што пред неколку месеци, за време на месецот Рамазан беше урнат објект што го градеше Исламската заедница.
Исламската заедница в понеделник ќе им подели пет тони месо на мигрантите во центрите за азил.