Dzihat Aliju
31 Октомври 2022•Ажурирај: 02 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Турската амбасада во Скопје одржа прием по повод 29 Октомври - Денот на Република Туркије, известува Агенција Анадолија (АА).
На приемот што амбасадорот на Република Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, го приреди во резиденцијата на Амбасадата, присуствуваа претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, вицепремиерот одговорен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за здравство, Беким Сали, пратеници, претставници на политички партии, претставници на странски дипломатски претставништва, претставници на турски институции и организации во земјава, актерите од серијата „Балканска приспивна песна“ што турскиот национален телевизиски канал ТРТ 1 ја снима во Скопје и многу други гости.
На приемот, што започна со интонирање на националните химни на двете земји, беше прочитана пораката за Денот на Република Туркије што ја упати претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Во своето обраќање, амбасадорот Секизќок потсети дека изминал речиси еден век од формирањето на Република Туркије, која претставува политичка и општествена трансформација во историјата на турската нација и истакна дека таа продолжува да напредува и да се издига уште од 1923 година благодарение на направените чекори и постигнатите придобивки на секое поле направени под лидерството на Мустафа Кемал Ататурк.
Истакнувајќи дека Туркије се наоѓа во регионот каде што се соединуваат Балканот, Кавказот, Блискиот Исток и Медитеранот, амбасадорот Секизќок посочи: „Веќе еден век постапува според начелото 'Мир дома, мир во светот' на Ататурк, основачот на нашата Република, и од тоа добиваше сила. Сите многу добро ги знаеме предизвиците во минатото и денес, што длабоко влијаат на нашиот свет во широката географија што ја опкружува Туркије. Ја гледаме исклучителната позиција на Туркије кога станува збор за справување со нив. Продолжуваме со нашите напори на полето на дипломатијата за да обезбедиме мир и стабилност на регионален и на глобален план.“
„Туркије во исто време е и балканска земја“, рече Секизќок и продолжи со зборовите: „Имајќи ги предвид нашите длабоко вкоренети, историски и човечки врски, му придаваме значење на зајакнувањето на соработката на секое поле со Северна Македонија и со земјите од регионот. Ни причинува задоволство што можеме да видиме колку е висока наклонетоста на балканските земји кон Туркије. Со голема радост гледаме и дека турската заедница, една од основачите на Македонија, има посебно место во нашите билатерални односи.“
Секизќок изјави дека турската актерска екипа од серијата „Балканска приспивна песна“ што се снима во Скопје, која во улога на културни амбасадори присуствува на приемот, уште еднаш покажала колку се длабоки, живописни и живи културните врски меѓу двете земји и народите.
Осврнувајќи се на врската меѓу Ататурк и Северна Македонија, амбасадорот Секизќок истакна:
„Како што сите знаеме, корените на предците на Мустафа Кемал Ататурк се протегаат до Македонија. Знаеме и дека во неговата младост, Ататурк го дишел воздухот на Македонија во мултикултурната, колоритна и жива атмосфера. Годините што Мустафа Кемал како извонреден ученик на Воената гимназија ги помина во Битола, имаа значително влијание врз обликувањето на неговата личност и идеи на патот до голем водач.“