Alma Dekovic
09 Јануари 2023•Ажурирај: 10 Јануари 2023
САРАЕВО (АА) - Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Босна и Херцеговина се огласи по повод доделувањето на признанието на рускиот претседател Владимир Путин и одбележувањето на 9 Јануари, таканаречениот Ден на Република Српска, што беше прогласен за неуставен од страна на Уставниот суд на Босна и Херцеговина во два наврати, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Одлуката на Милорад Додик да го дарува и награди Владимир Путин, човекот кој започна неиспровоцирана инвазија на Украина што резултира со смрт на илјадници цивили и масовно уништување на инфраструктурата, е за осуда“, се вели во соопштението.
Американската Амбасада соопшти дека тоа е отфрлање на вредностите на евроатлантската заедница и меѓународниот поредок заснован на правото.
„Исто така, одлуката на господинот Додик да го прослави Денот на Република Српска на 9 јануари е нелегална. Таа ја прекршува одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина според која прославата е противуставна. Членот III од Дејтонскиот договор е јасен: Република Српска мора целосно да ги почитува одлуките на институциите на Босна и Херцеговина, вклучително и обврзувачките одлуки на Уставниот суд, без разлика дали им се допаѓаат или не. Повиците за независност на РС, што вчера беа повторени со лажни тврдења за овластувања и обидите за поткопување на државата Босна и Херцеговина, ја туркаат државата на опасен пат. Република Српска само ќе се уништи себеси и оние околу нив туркајќи ја приказната за независноста“, истакнаа од Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина.