Fatjon Cuka
13 Септември 2017•Ажурирај: 14 Септември 2017
ТИРАНА (АА) - Парламентот на Албанија ја одобри новата програма и составот на Советот на министри на Република Албанија, јавува Anadolu Agency (АА).
По маратонската сесија што траеше повеќе часа, новата Влада предводена од премиерот Еди Рама од вкупно 129 пратеници присутни на гласањето доби 78 гласа за, 51 против и немаше воздржани. Во меѓувреме, 11 пратеници не присуствуваа на денешното утринско гласање.
За време на презентацијата на владината програма, Рама, фокусирајќи се на главните цели на четиригодишниот мандат, истакна дека приоритет на владата ќе бидат отворањето на преговорите за членство на земјата во ЕУ, борбата против сивата економија, соработката со соседните земји итн.
Инаку, за заменик-премиер е назначена Сенида Меси, поранешниот премиер Пандели Мајко е државен министер за дијаспора, а Сонила Като, државна министерка за заштита на претприемништвото.
За министер за внатрешни работи е назначен Фатмир Џафај, Дитмир Бушати за министер за Европа и за надворешни работи, Олта Џачка за министерка за одбрана, Етилда Ѓонај за министерка за правда, Мирела Кумбаро повторно е во Министерството за култура, Арбен Ахметај ќе го предводи Министерството за финансии и економија, Линдита Никола е министерка за образование, спорт и млади, Огерта Манастирлиу министерка за здравство и социјална заштита, Дамјан Ѓикнури министер за инфраструктура и енергија, Нико Пелеши министер за земјоделство и рурален развој и Бленди Клоши министер за туризам и животна средина.
По свечената заклетва на кабинетот во албанското претседателство, новите министри официјално ќе ја преземат функцијата.
Потсетуваме дека на 9 септември се одржа првата седница на деветтиот состав на албанскиот Парламент.
Албанската Социјалистичка партија победи на парламентарните избори што се одржаа на 25 јуни оваа година, освојувајќи 74 пратеници во албанскиот Парламент, составен од 140 пратеници.
Демократската партија на Албанија освои 43 пратеници, Социјалистичкото движење за интеграција 19 пратеници, Партијата за правда, интеграција и единство три, а Социјалдемократската партија обезбеди 1 пратеник.