Fatjon Cuka
17 Март 2019•Ажурирај: 18 Март 2019
ТИРАНА (АА) - Албанската полиција приведе 14 лица, а 7 други лица се бараат во врска со тензиите и судирот во текот на вчерашниот антивладин протест во Тирана организиран од опозициските партии, пренесува Anadolu Agency (AA).
Генералниот директорат на полицијата на Албанија преку соопштение потврди дека 33 лица се товарат за делото насилство на протестниот марш на 16 март пред Парламентот.
„Полицијата во Тирана, по налог на Канцеларијата на окружниот обвинител приведе 14 граѓани, за делото насилство над уставните институции и полицијата, и уништување на имотот во текот на протестот на опозицијата, Демократската партија и Социјалистичкото движење за интеграција, на 16.3.2019 година“, се вели во соопштението на полицијата.
Според полицијата, приведените се товарат за кривичните дела „Организирање и учество во нелегални собири“, „Напад врз службено лице“, „Насилен отпор кон полициските службеници“, „Нарушување на јавниот ред“ и „Поседување и употреба на експлозивни средства“.
Потсетуваме дека опозицијата, односно Демократската партија (ПД) и Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), на 16 март одржаа антивладин протест во Тирана, каде што неколку полицајци и демонстранти беа повредени за време на судирите и тензиите.
По враќањето на пратеничките мандати, опозициските партии во последните неколку недели организираа протести во Албанија, на кои имаше и тензии, инсистирајќи на формирање преодна влада која ќе организира предвремени избори.