Fatjon Cuka
28 Јуни 2019•Ажурирај: 30 Јуни 2019
ТИРАНА
Албанската полиција уапси 14 лица, а по 9 други се трага, меѓу кои и функционери на Општината Вау и Дејес, поради сомнеж дека синоќа ја нападнале Канцеларијата со изборниот материјал во Општината Вау и Дејес во Скадарскиот Округ, пренесува Anadolu Agency(AA).
Од Генералниот директорат на полицијата на Албанија соопштено е дека уапсените во текот на протестите користеле тврди предмети и Молотови коктели, кои ги фрлале во правец на Канцеларијата на Изборната комисија за административна зона (KZAZ) број 6, како и во правец на полицајците, кои биле на служба.
„Како последица на тоа, повредени се 3 полицајци од полициската станица во Вау и Дејес, кои биле на служба во КЗАЗ. Тие се под лекарска контрола и надвор од животна опасност. Исто така, запален е изборен материјал на КЗАЗ. Полицијата уапси 14 граѓани на самото место“, се наведува во соопштението на полицијата.
Уапсените се товарат за кривичните дела „уништување имот со оган“, „насилно спротивставување на полициските службеници“ и „оштетување на изборниот материјал“.
Потсетуваме, албанската опозиција, Демократската партија во Социјалистичкото движење за интеграција, по бојкотот на албанскиот Парламент одлучи да ги бојкотира и локалните избори. Поради бојкотот на опозицијата, повеќемесечните протести на опозцијата и напнатата ситуација во земјата, претседателот на Албанија, Илир Мета, одлучи да ги откаже изборите закажани на 30 јуни оваа година. Меѓутоа, премиерот на Албанија, Еди Рама, кој е лидер на владејачката Социјалистичка партија, се спротивстави на таа одлука на претседателот Мета и ја продолжи предизборната кампања за локалните избори закажани за 30 јуни.
Во меѓувреме, претседателот Мета го одреди 13 октомври како нов датум за одржување локални избори, но Социјалистичката партија остана за датумот 30 јуни. Сето тоа доведе до тензии и судири во канцелариите за изборни материјали во неколку градови низ земјата помеѓу приврзаниците на опозицијата и полицијата, која ги обезбедуваше тие канцеларии.