Saimir Alija
22 Јуни 2019•Ажурирај: 23 Јуни 2019
ТИРАНА (АА) - Во Албанија се одржа еден од низата протести на опозициските партии, со кои се бара оставка на Владата и одржување на предвремени парламентарни избори, а за разлика од претходните протести, на овој протест не се забележа насилство и судири, јавува Anadolu Agency (AA).
Опозициските демонстранти дојдоа од сите градови на државата и се собраа на булеварот на „Народните маченици“ во Тирана пред седиштето на канцеларијата на албанскиот премиер, со пароли на кои пишуваше „Ја сакаме Албанија како целата Европа“ и „Нема избори без опозицијата“.
Протестот беше организиран од страна на Демократската партија на Албанија и партијата Социјалистичко движење за интерграција, со барање да се формира преодна влада и да се организираат предвремени избори, во време кога опозициските партии ги бојкотираат локалните избори.
Претседателот на Демократската партија, Љуљзим Баша, во неговиот говор рече дека „нема мир без правда и нема избори без правда“.
„Граѓанската алијанса е на нозе, битката продолжува, град по град, село по село, демократијата е на нозе против криминалот. Секој обид за да се провоцираат Албанците ќе пропадне“, рече Баша.
По неговиот говор, протестот се префрли пред објектот на Собранието на Албанија, при што не беа забележани тензии и судири.
Во меѓувреме, стотици полициски сили беа распоредени пред албанското собрание, Министерството за внатрешни работи и другите институции, за да се избегнат можните инциденти.
Опозициските партии од Албанија, откако ги вратија пратеничките мандати во февруари месец оваа година, организираа неколку протести а одбија да се вклучат во изборниот процес за локалните избори.
Албанската опозиција инсистира на формирање преодна влада и одржување предвремени избори.
По овие настани, албанскиот претседател Илир Мета, на 10 јуни ја официјализираше одлуката за укинување на декретот за локални избори, без да декретира нов датум.
Од друга страна, албанскиот премиер, Еди Рама, е против барањето за преодна влада и против укинувањето на локалните избори, а владејачката Социјалистичка партија продолжува со кампањата за локалните избори.