Saimir Alija
14 Февруари 2019•Ажурирај: 15 Февруари 2019
ТИРАНА (АА) - Собранието на Албанија на денешната седница го ратификуваше Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Нацрт-законот за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО беше ратификуван со 130 гласа „да“, ниту еден против и воздржан, од 138 пратеници присутни на седницата, добивајќи ја поддршката на пратениците од позицијата и опозицијата.
Претседателот на Собранието на Албанија, Грамоз Ручи, во своето обраќање нагласи дека денешниов ден е значаен ден за регионот и за Северноатлантската алијанса.
„Новата членка, Република Северна Македонија е прифатена како 30. членка во најголемата одбранбена алијанса во ова време“, рече Ручи. Според него, за да го постигне тоа, соседната и пријателска земја искусила големи предизвици.
Ручи се осврна и на потпишувањето на Протоколот.
„Изразувам задоволство што Собранието на Република Албанија е меѓу првите парламенти кои го ратификуваат овој протокол, започнувајќи го конечниот законски чекор кој ќе овозможи прифаќање на Северна Македонија во НАТО. Овој голем чекор беше овозможен, благодарение на Договорот од Преспа меѓу двата наши соседи, Грција и Северна Македонија.“
Ручи истакна дека членството на Република Северна Македонија во НАТО е една додадена вредност за евроатлантскиот прогрес на целиот регион за регионалниот и глобалниот развој, за мирот, стабилноста.
Од друга страна, премиерот на Албанија, Еди Рама, истакна дека овој момент на гласање од страна на Собранието на Албанија за Протоколот за членство на соседната земја во НАТО се совпаѓа со, како што рече, златниот период на меѓуетничките односи на двата државотворни народи на Северна Македонија.
„Без Албанците нема да имаше Република Северна Македонија, и за Албанија територијалниот интегритет на Северна Македонија, соживотот меѓу нашите два народа на територијата на соседната република и албанскиот јазик на таа територија, не само што се неприкосновени, туку и од витално значење за нашата сегашност и нашата иднина, за мирот и стабилноста во регионот“, нагласи Рама.
Според Рама, Албанија во овој историски процес за Северна Македонија имала улога на поддржувач, а не улога на предводник.
Во седницата на албанскиот Парламент беше присутен и претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, кој имаше свое обраќање по гласањето за Протоколот. Џафери истакна дека односите меѓу двете земји се изградени врз силно пријателство.

„Имаме развиени билатерални односи на сите највисоки политички нивоа, меѓутоа и на полето на економската, културната, образовната, дури и туристичката соработка. Вие сте наш силен поддржувач во сите регионални иницијативи и пред мултилатералните меѓународни тела. Посветени сме на градењето на „едно општество за сите“, без разлика на етничката, верската, социјалната или друга припадност. Наша цел е вистински демократска држава со владеење на правото и функционални институции во служба на граѓаните, затоа работиме со посветеност“, додаде Џафери.
Џафери, осврнувајќи се на уставните измени во Република Северна Македонија, нагласи дека победи далекувидноста, храброста на парламентарното мнозинство и визијата за безбедна иднина.
На денешната седница беше одржан и едноминутен молк за жртвите во вчерашната сообраќајна несреќа во Северна Македонија.