Fatjon Cuka
27 Март 2023•Ажурирај: 28 Март 2023
ТИРАНА (АА) - Во главниот град на Албанија, Тирана, ноќеска бил извршен вооружен напад врз просториите на приватна телевизија, при што како резултат на отворениот оган животот го загубил еден припадник на обезбедувањето, пренесува Анадолу.
Информацијата преку соопштение ја потврди Полициската дирекција во Тирана.
Во соопштението се наведува дека поради неразјаснети околности, неидентификувани лица пукале со огнено оружје кон просториите на телевизијата.
„Како резултат на отворениот оган животот го загубил припадник на обезбедувањето, 60-годишниот П.К.“, се наведува во полициското соопштение.
Во соопштението се вели дека е формирана увидна екипа и се работи на расветлување на случајот, пронаоѓање на докази што ќе послужат за расветлување на случајот, и откривање и фаќање на сторителите.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, реагираше за овој случај, барајќи јасен одговор од безбедносните сили.