Fatjon Cuka
15 Март 2020•Ажурирај: 16 Март 2020
ТИРАНА (АА) - Бројот на откриени случаи со новиот вид коронавирус (Ковид-19) во Албанија се искачи на 42 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија.
Во соопштението се нагласува дека досега биле тестирани стотици случаи, додека меѓу последните заразени се наоѓаат и двајца лекари.
Според ова соопштение, во последните 24 часа надлежни тимови на терен продолжиле со идентификување на случаите.
„Тестирани се 27 осомничени лица, граѓани и медицински персонал, од кои потврдени се 4 нови случаи на заразени со Ковид-19. Досега се тестирани 532 сомнителни случаи, од кои 42 се позитивни на Ковид-19“, се додава во ова соопштение.
Се вели дека 26 од овие случаи се откриени во Тирана, 5 во Драч (од кои еден почина), 5 во Фиер, и по 2 случаја се откриени во Елбасан, Рогожина и Лушње.
Инаку, на 11 март во Албанија од Ковид-19 почина едно 73-годишно лице.
Во рамки на преземените мерки, сите копнени влезови во Албанија од Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Грција се затворени за сите патници со автобус, минибус или возило, додека копнената граница на Албанија ќе остане отворена само за транспорт на стока.