СКОПЈЕ (АА) – Министерот за национална одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, во рамките на која се состана со министерката за одбрана на оваа земја, Радмила Шекеринска, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред Министерството за одбрана на Република Северна Македонија беше организирана свечена церемонија за пречек на турскиот министер Акар, по што следуваше средбата со министерката Шекеринска, како и средба на делегациите. По средбата, двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција.
Турскиот министер Акар рече дека е убеден оти посетите на Турција во Северна Македонија само ќе ги потврдат добрите односи помеѓу двете страни.
„За нас Република Северна Македонија е многу важна земја. Историските и културните врски меѓу нас се многу силни. Турскиот народ кој живее во Северна Македонија и македонскиот народ кој живее во Турција придонесуваат за зајакнување на добрите односи“, истакна Акар.
„Ние како Турција со најискрена намера можеме да кажеме дека посакуваме мир и стабилност на целиот Балкан на чело со Северна Македонија. Не од аспект на конкуренција, туку би сакал да истакнам дека ние ќе бидеме тука секогаш да ја поддржиме земјата“, истакна турскиот министер.
Акар истакна дека од 1992 година од аспект на одбраната, економијата и културата, Турција постојано ја поддржувала Северна Македонија и го споделувала своето искуство со неа.
„Ние на секое поле се трудевме да ја нарекуваме Македонија како што беше во сопствениот Устав. Веруваме дека овој проблем на некој начин е решен. Посакуваме во иднина Северна Македонија да ги зајакне своите врски со НАТО. Ја поддржуваме Република Северна Македонија во секој аспект“, истакна Акар.
Додаде дека соработката во полето на одбраната помеѓу двете земји е многу развиена.
Акар информираше дека околу 1200 припадници на Армијата на Северна Македонија се обучувани во образовните институции во Турција, како и дека многу припадници на Армијата на Северна Македонија посетувале вежби со припадниците на турската армија. Акар истакна дека овие вежби и обуки ќе дадат многу голем придонес во процесот на зачленување на Северна Македонија во НАТО.
- „ФЕТО го саботира нашето пријателство и братските односи“
Турскиот министер Акар потенцираше дека Турските вооружени сили се спремни да ја дадат сета потребна поддршка за модернизација на Армијата на Северна Македонија, истакнувајќи и дека е многу важно зачленувањето на Република Северна Македонија во евроатлантските структури.
Турскиот министер Акар се осврна и на борбата која ја води Република Турција против терористичките организации ДЕАШ, ПКК/ЈПГ и ФЕТО.
„Навистина сме во многу длабока борба против овие организации. Ние како Турција ќе продоллжиме да се бориме сè додека не го уништиме последниот терорист. Имаме почит кон територијалниот интегритет на сите наши соседи, немаме никакви различни намери кон територијалниот интегритет на нашите соседи, меѓутоа сите треба да знаат дека ние ќе направиме сè за безбедноста на нашата земја и за независноста на нашиот народ“, истакна Акар.
Акар рече дека постојат одредени структури на терористичката организација ФЕТО во Северна Македонија, како и дека во тој контекст има нови моменти.
„Се надевам дека во наредиот период ќе се направат конкретни мерки за да и двете земји се спасат од оваа терористичка организација, бидејќи им наштетува на односите на двете земји, на некој начин го саботира нашето пријателство и братските односи“, истакна Акар и додаде:
„Имаме имиња на некои од поглавните лица чии имиња се споделени помеѓу институциите на двете земји. Длабоко сум убеден дека во наредните денови институциите во Северна Македонија ќе преземат конкретни мерки и им веруваме на институцииите на земјата.“
- „Турција беше тука кога на нашата држава и требаше помош и поддршка"
Министерката за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, рече дека не е коинциденција што во неделата којашто ја посветувааат на стратешката цел – членството во НАТО, во посета дојде турскиот министер Хулуси Акар.
„Голем дел од НАТО-патот којшто го изодевме, го изодевме поради тоа што Турција ни отвори врата“, истакна Шекеринска.
Додаде дека со Турција ги врзува цврсто пријателство и соработка на сите полиња кои трајат со децении.
Овие врски, според министерката Шекеринска, се особено силни во секторот на одбраната, што го покажува и фактот на меѓусебните посети на министрите за одбрана на двете земји.
Шекеринска потсети дека на 5 февруари оваа година влезе во сила претходно потпишаниот и ратификуван Договор за воена финансиска соработка помеѓу Северна Македонија и Турција, за кој рече дека е многу важен бидејќи земјата го почнува процесот на модернизација на својата армија.
Таа се осврна и на успешната соработка во странските мировни мисии, како што е мисијата во Авганистан.
„Сакам да ја изразам нашата благодарност за поддршката којашто Турција ја даде во процесот за потпишување на Протоколот за пристапување кон НАТО-алијансата, тоа ни беше многу важно и корисно“, истакна Шекеринска.
Taa рече дека се задоволни што на неполни два месеца од процесот на потпишување на Протоколот за пристапување кон НАТО, веќе 9 земји членки на Алијансата го ратификуваа Договорот и истакна дека очекуваат во иднина тоа да го направи и Турција, државата, којашто, како што рече, најмногу ја поддржувала земјата во овој процес.
„Турција не е наш непосреден сосед, со неа не делиме граница, но Турција секогаш се однесуваше дури и повеќе од сосед. Беше тука кога на нашата држава ѝ требаше помош и поддршка и ние тоа не го забораваме“, потенцираше Шекеринска.
Меѓу другото, министерката Шекеринска изрази посебна благодарност до Република Турција поради тоа што во текот на изминатите години старешини и офицери од Армијата на Северна Македонија добија образование во воените институции на Турција.
На средбите кои се одржаа во Министерството за одбрана на Северна Македонија, меѓу министрите Акар и Шекеринска и делегациите од двете земји, присуствуваше и турската амбасадорка во Скопје, Тулин Еркал Кара.
Во рамките на посетата на Северна Македонија, турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, се состана и со претседателот на Северна Македонија, Ѓорѓе Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
- Турскиот министер Акар се состана со претседателот Иванов
- Акар се состана со претседателот на Собранието на Северна Македонија
- Акар се состана со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев