Балкан

„Јуни 2019 година е важен датум за европските перспективи на Северна Македонија и на Албанија“

„Очекуваме до крајот на годината Република Северна Македонија да ѝ се придружи на Алијансата, каде што е нашиот пријател Албанија веќе од 2009 година, да бидеме 30-та земја членка на НАТО“, изјави Заев.

Fatjon Cuka  | 13.03.2019 - Обновена : 14.03.2019
„Јуни 2019 година е важен датум за европските перспективи на Северна Македонија и на Албанија“ (Fotoreporter: Olsi Shehu/ AA)

ТИРАНА (AA) – Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на заедничката прес-конференција со премиерот на Република Албанија, Еди Рама, истакна дека очекува до крајот на годината Република Северна Македонија да стане членка на НАТО-алијансата, во којашто Албанија веќе членува, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерот Заев заедно со владина делегација престојува во официјална посета на Албанија.

По одржаната средба на владините делегации на двете земји, премиерите Заев и Рама одржаа заедничка прес-конференција.

Заев изрази задоволство поради посетата на Тирана, во, како што рече, пријателска Албанија.

- Заев: „Албанија даде силна пријателска порака“

Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, рече дека забрзаната ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО од страна на Албанија, претставува силна пријателска порака.

„Очекуваме до крајот на годината Република Северна Македонија да ѝ се придружи на Алијансата, каде што е нашиот пријател Албанија веќе од 2009 година, да бидеме 30-та земја членка на НАТО. Тоа е една од првите наши стратешки цели како земја. Но паралелно со овие очекувања, нашите надежи се фокусирани на јуни 2019 година за отворањето на претпристапните преговори со ЕУ“, изјави Заев.

„Јуни 2019 година е важен датум за европските перспективи за нашите две држави, како за Република Северна Македонија, така и за Република Албанија. За нас кредибилен пристапен процес значи опстојување на критериумите за демонстрирање демократски зрело општество и врз база на заслуги, односно испорачани резултати во реформите. Ако ние ги исполниме своите задачи, тогаш очекуваме и ЕУ да има позитивен пристап за нашите две земји“, потенцираше Заев.

Тој истакна дека Охридскиот договор функционира во Северна Македонија и преостанува само да се постигне кохезија во општеството и тоа да се преточи и во администрацијата, за да, како што рече, вистински се гради едно општество за сите.

„Во нашата држава успеавме да ги поставиме темелите на едно општество за сите, а работиме низ обиди за максимален консензус и со опозицијата на сите реформски закони потребни за евроинтеграциите“, изјави Заев.

Тој рече дека постои простор за зголемување на соработката помеѓу Северна Македонија и Албанија, истакнувајќи дека Албанија е еден од најблиските пријатели и партнери на неговата земја, со којшто, како што рече, е убеден дека може да се обезбеди просперитет, безбедност и европски перспективи на двете земји, но и на регионот.

Заев најави и дека по претседателските избори во Северна Македонија и локалните избори во Албанија ќе се одржи заедничка владина седница.

- Рама: „Стабилноста на Северна Македонија е стратешки интерес на Албанија“

Премиерот на Република Албанија, Еди Рама, истакна дека интегритетот и стабилноста на Република Северна Македонија е стратешки интерес на Албанија.

Во својот говор на прес-конфренцијата Рама рече дека Преспанскиот договор означи крај на еден повеќегодишен спор и го отвори патот за зачленување на Северна Македонија во НАТО. Според него, овој договор ја ослободи големата позитивна енергија за понатамошно чекорење на патот кон интеграција во Европската Унија (ЕУ).

„За нас Република Северна Македонија не е само соседна земја, туку пријателска земја, стратешки незаменлива и неопходна, со којашто се култивираат односи преку најдобрите принципи и вредности кои нè соединуваат како две земји, коишто ѝ припаѓаат на Европа и кои ќе бидат заедно на трпезата на европското семејство. Албанците се благодарни поради фактот што вие го отворивте патот за хармонијата која недостасуваше, а беше многу неопходна во вашата земја помеѓу Албанците и Македонците. Седницата во вашиот Парламент каде што се говореше албански беше симболичен, но и суштествен историски момент, и една причина повеќе ние да продолжиме да бидеме силни промотори на идејата дека интегритетот и стабилноста на Северна Македонија е стратешки интерес на нашата република“, рече Рама.

Албанскиот премиер истакна дека двете земји се заедно пред еден посебен момент, во којшто, според него, се движат кон многу очекуваниот праг на отворањето на преговорите со ЕУ.

„Донесувањето на Законот за јазиците и почетокот на неговото спроведување, темелно подобрената меѓуетничка клима и преминот од хартија во дела, несомнено се суштествени причини ние секојдневно да го зајакнуваме овој однос, во што ќе продолжиме со истиот ангажман“, рече Рама.

Прашан околу руското влијание во Албанија, Рама рече: „Русија е земја којашто нема симпатии кон ЕУ и природно е да нема симпатии за европското чекорење на ниту една земја од Западен Балкан. Ова не е тајна. Во меѓувреме ние имаме национална агенда, чија суштина е да се соединиме со европското семејство“.

Делегацијата на Владата на Северна Македонија беше пречекана со официјална церемонија од страна на албанскиот премиер, Еди Рама, во Палатата на бригадите во Тирана, каде што беа присутни и министри од албанскиот Кабинет и други високи функционери.

Дел од делегацијата на Владата на Северна Македонија која е во посета на Албанија се и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и други официјални претставници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.