Ivana Ramadanova
13 Март 2018•Ажурирај: 14 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерката и министерка за надворешни работи и европски прашања на Хрватска, Марија Пејчиновиќ Буриќ, денеска престојува во официјална посета на Република Македонија, на покана на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, јавува Anadolu Agency (AA).
Пејчиновиќ Буриќ и Димитров, по остварената тет-а-тет средба и разговорите на ниво на делегации на двете земји, одржаа заедничка прес-конференција за новинарите, на која истакнаа дека за напредокот на секоја земја на патот кон ЕУ и НАТО, клучни се реформите.
Хрватската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Пејчиновиќ Буриќ, потенцира дека Македонија е добар пример во однос на нивното досегашно спроведување и дека процесот за неа ќе се забрза по решавањето на спорот околу името со Грција.
„Македонија има пријател во Хрватска и откако ќе се реши прашањето за името, кое е единствената пречка, ние ќе преговараме за што е можно побрзо вклучување во НАТО и почнување на преговорите за влез во ЕУ. Македонија може да успее и ги има сите предиспозиции, тој процес да оди многу брзо, а Хрватска е тука за да пружи поддршка на тој пат“, рече Пејчиновиќ Буриќ
Што се однесува до решавањето на спорот за името, Пејчиновиќ Буриќ истакна дека Хрватска ги поздравува напорите на Македонската и Грчката влада за да го решат ова важно прашање на начин на кој ќе се почитуваат дигнитетот и идентитетот на двата народа.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на прес-конференцијата за новинарите посочи дека на средбата, освен за билатералните односи, се разговарало и за регионалната соработка, за иницијативите околу неа, како и за амбицијата Македонија да влезе во ЕУ и НАТО.
„Многу ни значи поддршката на Загреб. Хрватска е земја која последна влезе во Европската Унија, има големо искуство во сè посложениот процес на пристапните преговори, и затоа нејзините искуства ни се многу значајни“, истакна Димитров.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со можноста за прием на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ до 2025 година, Пејчиновиќ Буриќ напомена дека не станува збор за фиксна година, туку дека клучни за влез во Унијата се реформите што секоја земја ги спроведува, но и политичките околности во секоја од нив.
Таа напомена дека некои реформи бараат подолг временски период, како што се на пример, правосудните, но дека за ЕУ е мошне важно да согледа дека реформскиот процес отишол толку далеку, што веќе нема враќање назад за одредената земја.
На заедничката средба, двајцата министри разговарале и за положбата на малцинствата – македонското во Хрватска и хрватското во Македонија, но и за можностите за унапредување на нивната позиција, по што Пејчиновиќ Буриќ информира дека во мај ќе заседава Мешовитиот комитет на малцинствата на двете земји, кој ќе разгледа поконкретни мерки за подобрување на нивната состојба.
Хрватската вицепремиерка ќе биде примена и од претседателот Ѓорге Иванов, од претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и од премиерот Зоран Заев.