БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, заблагодарувајќи ѝ се на Турција за поддршката што му ја дава на НАТО, изјави: „Со нашето воено присуство кое е зголемено последните години, покажуваме дека се солидаризираме со Турција против терористичката закана и нестабилноста која доаѓа од југот“, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, во разговор за Anadolu Agency (AA) зборуваше за односите меѓу Турција и НАТО, за операцијата „Маслинова гранка“, за моменталната состојба во Сирија, и околу договорот „С-400“.
Заблагодарувајќи ѝ се на Турција, Столтенберг нагласи дека Турција е многу важен сојузник на НАТО, кој придонесува за колективната безбедност и на различни начини учествува во мисиите и операциите на НАТО.
Осврнувајќи се на операцијата „Маслинова гранка“, Столтенберг рече: „Турција има легитимно право да биде загрижена за својата безбедност“, и додаде дека НАТО очекува Турција да се справи со групите што ја загрозуваат безбедноста на умерен и пропорционален начин.
- „Се солидаризираме со Турција против терористичката закана“
Столтенберг нагласувајќи дека НАТО ѝ дава поддршка на Турција, рече:
„Во тие рамки, на Турција ѝ нудиме некои безбедносни препораки. Во Турција сме воено присутни, авионите за рано предупредување и набљудување (АВАКС) даваат поддршка летајќи во воздушниот простор на Турција. Истовремено распоредивме батерии за противвоздушен ракетен систем „Патриот“, како и шпанската и италијанската батерија „САМП-Т“, кои се меѓу елементите за поддршка што ѝ ги нудиме на Турција".
„Благодарни сме ѝ на Турција поради поддршката што му ја дава на НАТО. Со нашето воено присуство кое е зголемено последните години, покажуваме дека се солидаризираме со Турција против терористичката закана и нестабилноста која доаѓа од југот“, рече Столтенберг.
- „Прашањето за грчките војници треба да се реши меѓу Турција и Грција“
Столтенберг се осврна на тоа дека Грција преку официјална жалба го пренесе случајот до НАТО, односно случај во кој двајца грчки војници беа приведени откако ја поминале турската граница, и нагласи: „Ова е прашање што треба да се реши меѓу Турција и Грција“.
- „Снабдувањето со „С-400“ е национална одлука“
За договорот на Турција за купување на ракетниот безбедносен систем од типот „С-400“ од Русија, Столтенберг изјави:„Инвестирањето во борбените капацитети е национална одлука на секоја земја сојузник, вклучувајќи ја и Турција. Ова е национална одлука на Турција“.
Истакнувајќи дека заедничката оперативност на различните системи меѓу сојузниците е значајна за НАТО, Столтенберг нагласи дека сѐ уште нема барање за интеграција на системот „С-400“ во системите на НАТО, и дека интеграцијата нема да биде лесна.
Од друга страна, Столтенберг го поздрави потпишувањето на договорот на Турција за купување на системот за воздушна одбрана „САМП-T“ од Франција и Италија.
- „Не е упатен повик до НАТО да излезе на терен во Сирија“
Столтенберг, пред да ја даде изјавата за Anadolu Agency (AA), учествуваше на тркалезна маса со истакнати новинарки во Брисел.
За прашањето поставено на состанокот околу тоа зошто НАТО не презема поактивна улога на теренот во Сирија, Столтенберг одговори: „Не е упатен каков било повик до НАТО да излезе на терен во Сирија, и не очекувам дека ќе биде упатен“.
Столтенберг нагласи дека моменталната состојба во Сирија е многу тешка, опасна и сложена, и потсети дека некои сојузници на НАТО се наоѓаат на терен во Сирија.
Истакнувајќи дека НАТО е член на меѓународата коалиција за борба против ДЕАШ, Столтенберг рече дека Алијансата силно поддржува политичко решение под водство на Обединетите нации (ОН) за конфликтот во Сирија.
„Гледаме насилство и страдање на луѓето. Луѓето се принудени да ги напуштат своите домови. Особено гледаме дека Асадовиот режим, со поддршка на Иран и Русија, како цел ги има цивилите во Источна Гута“, рече Столтенберг.
- „Сите сојузници го прифаќаат легитимното право на Турција да биде загрижена за својата безбедност“
Коментирајќи ги односите помеѓу САД и Турција, Столтенберг рече дека е задоволен што тие две важни членки на НАТО водат директен дијалог како единствено средство за надминување на несогласувањата на северот на Сирија и во Африн.
„Легитимната загриженост за безбедноста на Турција е прифатена од страна на сите сојузници на НАТО“, истакна Столтенберг.
- НАТО има за цел да развие конструктивни односи со Русија
Столтенберг се осврна и на оружјето со неограничен дострел кое претседателот на Русија, Владимир Путин, минатата недела го нарече непобедливо, и рече дека односите меѓу НАТО и Русија се базираат на политика со два столба, составена од застрашување и дијалог.
Столтенберг истакна дека говорот на Путин е дел од систематскиот начин на однесување на Русија во последните неколку години, и додаде дека администрацијата на Москва во последниот период направила сериозни инвестиции за развивање на воените капацитети.
„Русија е нашиот сосед, и не оди никаде“, нагласи Столтенберг, и додаде дека НАТО има за цел да развие конструктивни односи со Русија.
Столтенберг истакна дека Русија врши активности за интеграција на конвенционалните и нуклеарните сили, и додаде: „Доста опасно е да се замати разликата меѓу конвенционалните и нуклеарните оружја“.