СКОПЈЕ (АА) - ФУРКАН АБДУЛА –
Претседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Сердар Чам истакна дека ТИКА е дел од културата на подавање рака на оние на кои им е потребна.
Претседателот на Република Северна Македонија, Ѓорѓе Иванов, му го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на претседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Сердар Чам, кој беше во Скопје и во разговор за Anadolu Agency (AA) зборуваше за активностите на ТИКА.
- „Ние сме дел од Балканот"
Чам, истакнувајќи дека Балканот е регион со уникатна, длабока култура, искуство и разновидност, додаде: „Ние сме дел од Балканот. Затоа, многу се важни напорите за зачувување на тој интегритет што постои тука. Исто така, преку заедничко дејствување важни се напорите за зголемување на енергијата и на моќта.“
Чам, исто така нагласи дека како резултат на активностите на Турција во овие региони, има експанзија и развој во одредени области како што се економијата, трговијата, социјалата и културата.
„Овие работи станаа многу забележливи во последните години и беше подложна на критики од страна на многу љубоморни очи. Одвреме-навреме, некои земји почнаа да стануваат љубоморни на динамичноста и активноста на Турција на овие простори“, истакна Чам.
Тој нагласи дека ТИКА ќе ги зголеми напорите за подобрување на можностите во земјоделството, сточарството, подобрување на индустриското производство и трговијата, развојот на партнерствата, зголемување на инвестициите и зајакнување на економијата.
„Со иницијативите на почитуваниот претседател Реџеп Таип Ердоган, со неговата активност, всушност во многу области беа пополнети празнините, како што се подобрување на односите, зголемување на соработката и доближување на границите. Затоа оваа визија е значајна“, истакна Чам.
Претседателот на ТИКА потсети и на неодамнешната посета на Србија на претседателот Ердоган, којшто во рамките на посетата заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ го посети Санџак.
Осврнувајќи се на реставраторските работи на џамиите „Султан Мурат“ и „Исак бег“ во Скопје, како и на другите реставрации низ целата земја кои се реализираат од страна на ТИКА, Чам нагласи: „Секако, ние заедно сакаме и се трудиме да се отворат во најкус временски рок, но процесот на реставрација е работа која треба да се одвива внимателно. Секогаш потсетуваме дека не треба да се гледа како на нова градба. Затоа посветуваме внимание на прецизноста, ако забрзаме може да изгубиме од квалитетот, и може да не се изгради во согласност со оригиналот.“
Претседателот на ТИКА, изразувајќи надеж дека реставрациите ќе завршат во наредните години, истакна: „Делата што ги градиме тука не се дела само на османлиската и турската историја, истовремено на нив треба да гледаме и како на светско културно наследтство. Тие се дела стари 400, 500 години.“
Исто така, тој подвлече внимание и на односите на Турција со земјите од регионот, особено со Северна Македонија, и додаде:
„Кога ќе погледнеме од аспект на ТИКА, односите се позитивни и се одвиваат многу добро. И покрај тоа што одвреме-навреме имаме различни тешкотии, одвреме-навреме има погрешни пристапи и клевети, обвинувања, од секого е прифатено дека ТИКА води успешна работа. Особено по 17 - 25 декември, потоа настаните од 15 јули, негативните кампањи на ФЕТО, нејзините обвинувања, клевети кон Турција, исто така и кон ТИКА, во никој случај не придонесоа да добие некаква вредност на Балканот и не беше успешна во тоа. Затоа не може да се негира вистината што е откриена и која се гледа од сите, сѐ излегува на виделина, всушност, денешната манифестација го покажува тоа.“
Потсетувајќи дека Турција помина низ тешки времиња, Чам рече: „Очигледно е дека сѐ додека Турција е моќна во Анкара, сѐ додека е успешна, сѐ додека стои на своите нозе силно и ефикасно, никој нема да има можност да прави зло на Балканот, да ја клевети, да прави интриги, да создава метеж.“
„Турција и претседателот Ердоган водат големи борби против механизмите за клевети кои сакаат да го нарушат мирот и да создадат превирања на верска, етничка и национална основа“, наведе Чам, и нагласи: „Наместо младина која е принудена да оди на Исток и во други далечни земји и да работи на тешки работни места за економска заработка, една од нашите најважни задачи е да овозможиме да работи во својата земја и блиску до Турција.“
- „ТИКА е дел од културата на подавање рака на оние на кои им е потребна"
Чам истакна дека ТИКА не помага само на муслиманите, туку дека ги поддржува сите балкански народи, без оглед на нивната етничка и верска припадност, и потсети на поддршката за уредување на околината на некои цркви и манастири.
„Досега изградивме стотици дела, џамии, мостови, јавни бањи, анови, но секако помогнавме и на другите, соседите кои не се муслимани, и за време на Османлиите, но и по тој период. На истиот начин помагаме и во периодот на Република Турција, и пруживме рака на оние на кои им е потребна помош, придонесуваме во рамките на нашите можности. Оттука, како дел од нашата цивилизација која ја живеевме и ја покажавме на светот, и како земја која знае да живее во заедништво, ќе продолжиме да помагаме без поттикнување на дискриминацијата и на конфликтот. Неопходно е ова да се гледа како на работа која се прави природно и од динамиката која доаѓа од сопствената култура, а не како шоу, симболика или пак од некои други политички цели.