Балкан

„Охрабрувачки би било С. Македонија во октомври да добие зелено светло за преговорите со ЕУ"

„Веруваме дека охрабрувачки чекор би бил во октомври и Северна Македонија и Албанија да добијат зелено светло за почеток на преговорите, а Црна Гора и Србија да продолжат со отворање и затворање на поглавјата“, рече Дармановиќ

Zlatan Kapiç  | 10.09.2019 - Обновена : 11.09.2019
„Охрабрувачки би било С. Македонија во октомври да добие зелено светло за преговорите со ЕУ" (Foto: Arhiva/ AA)

Анкара

Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, по состанокот со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека турските инвеститори се многу ценети во Црна Гора и дека посакуваат уште повеќе турски инвестиции, јавува Anadolu Agency (AA).

„Веројатно е дека инвеститорите во своето работење во секоја земја можат да наидат на потешкотии, но фактот дека во Црна Гора сѐ повеќе има инвеститори, и турски граѓани и мали фирми, како и доста заинтересирани нови инвеститори, од кои некои се меѓународни познати фирми, сведочи за тоа како турските инвеститори ја доживуваат Црна Гора и како ние ја доживуваме Турција. Сигурен сум дека соработката може да биде само подобра“, рече Дармановиќ.

Црна Гора, како што рече, е поборник на мирот и стабилноста.

„Членка сме на НАТО и отидовме најдалеку во преговорите за членство во ЕУ. Имаме одлични односи со сите соседи и како такви секогаш сме спремни да помогнеме во решавање на проблемите во регионот. Во регионот беа останати три големи проблеми, еден е името на Северна Македонија, кој беше помеѓу таа земја и Грција. Тој проблем е успешно решен со храброста, визијата и упорноста на двете влади да изнајдат решение. Како последица на тоа решение, Северна Македонија е на пат кон НАТО и ЕУ. Вториот проблем се однесува на разговорите на Белград и Приштина кои треба да најдат долгорочно решение. Ние сме пријатели со двете земји и ги поддржуваме да најдат решение“, појасни црногорскиот министер.

Третиот проблем е, според неговите зборови, „дисфункционалноста на Босна и Херцеговина“.

„Мислам дека најдобро решение за БиХ е да го продолжи патот кон НАТО и ЕУ, колку и за тоа да треба време“, рече тој.

Дармановиќ смета дека „ЕУ мора да знае што сака од Западен Балкан“.

„Одлучната политика на проширување на Западен Балкан е единствено решение и за нас и за ЕУ. Сите наши земји од регионот сакаат да ѝ припаѓаат на оваа заедница. Затоа се потребни и нашите напори и напорите на ЕУ. Веруваме дека охрабрувачки чекор би бил во октомври и Северна Македонија и Албанија да добијат зелено светло за почеток на преговорите, а Црна Гора и Србија да продолжат со отворање и затворање на поглавјата“, рече Дармановиќ.

Тој смета дека од земјите од регионот, прва членка на ЕУ ќе стане токму Црна Гора која го поддржува европскиот пат на своите соседи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.