Husamedin Gina
11 Јануари 2022•Ажурирај: 12 Јануари 2022
СКОПЈЕ
Наша должност е да го негуваме и продлабочуваме искреното пријателство и соработка меѓу двете земји, е заклучокот од денешната средба на министерката за култура Ирена Стефоска со турскиот заменик-министер за култура и туризам, Ахмет Мисбах Демирџан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Министерството за култура на Северна Македонија, на денешната средба помеѓу Стефоска и Демирџан констатирано е дека соработката во областа на културата меѓу Република Северна Македонија и Република Турција има свој континуитет и традиција и дека ги опфаќа сите сегменти од оваа област.
На средбата, како што се вели во соопштението, заменик-министерот Демирџан ја информираше министерката Стефоска за подготовките на големиот Балкански филмски фестивал, што кон крајот на годинава треба да се одржи во Истанбул.
Во рамките на Фестивалот ќе биде организиран и Форум на филмски работници од сите балкански држави, со цел формирање филмска мрежа за соработка, бидејќи, како што истакна заменик-министерот Демирџан, токму кинематографијата е највлијателен начин за продлабочување на културните врски меѓу државите.
Двајцата соговорници на средбата ја истакнаа и добрата соработка во делот на заштитата на културното наследство.
Во тој контекст министерката Стефоска ја подвлече и извонредната соработка со Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), во делот на реставрацијата и конзервацијата на исламските споменици во Република Северна Македонија, потенцирајќи ја притоа потребата од поголема соработка со специјалисти од областа на заштитата на културното наследство од нашата земја.
На крајот министерката Стефоска и заменик-министерот Демирџан заклучија дека пандемијата на Ковид 19 на многу начини ја смени реализацијата на проектите и програмите од областа на културата во целиот свет, и дека сето тоа влијаеше и врз соработката меѓу културните работници од Северна Македонија и Република Турција.