Mara Dragovic
20 Ноември 2017•Ажурирај: 20 Ноември 2017
БЕЛГРАД (АА) - Основачката на Фондот за хуманитарно право и регионална координаторка на Коалицијата РЕКОМ, Наташа Кандиќ, за Anadolu Agency (AA) изјави дека очекува оти Трибуналот во Хаг ќе го осуди поранешниот командант на војската на Република Српска, Ратко Младиќ, на доживотен затвор.
„Имајќи предвид дека двајца негови офицери веќе ја добија таа казна, би било несогласно на командантот, односно на Младиќ да му се изрече помала казна“, рече Кандиќ.
Младиќ е обвинет за геноцид во Сребреница, за прогон на муслиманите и Хрватите во Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивилите во Сараево со долготрајно гранатирање и снајперски напади и земање за заложници на членови на УНПРОФОР, од 1992 до 1995 година, но Кандиќ смета дека геноцид дефинитивно е извршен, за што зборуваат и бројните пресуди.
„Тоа е она што е мерка на неговата одговорност, и во други општини исто така биле извршени злосторства еднакви на геноцид. Овие ужасни злосторства во Сански Мост, Кључ, Котор-Варош, на начинот на којшто биле извршени се многу слични на она што е направено во Сребреница. Овде бројот не е важен, она што е најтешко во врска со Младиќ и неговата одговорност е тоа што тој не беше сам во овој геноцид“, рече Кандиќ.
Според неа, може да се заклучи дека армијата во целина имала команданти кои извршиле сериозни злосторства, а по повеќе од две децении, сѐ уште оставаат впечаток дека повторно би го сториле тоа.
„За сето ова време, тие не станаа свесни за својата лична одговорност што ја имаа како команданти на една армија. Нивното сведочење пред судот покажува дека ништо не се променило во нивното разбирање на тоа минато“, вели координаторот на РЕКОМ.
Првостепената пресуда на Ратко Младиќ, која ќе биде изречена на 22 ноември, ќе ја донесе судскиот совет предводен од судијата Алфонс Oрије. На оваа пресуда, право на жалба ќе има обвинителството и одбраната на Младиќ.
Инаку, судењето на Младиќ започна во мај 2012 година, една година откако тој, кон крајот на мај 2011 година, по 16 години бегство, беше уапсен во Србија и екстрадиран во Хаг.