Abdula Berisha
13 Декември 2021•Ажурирај: 14 Декември 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, престојува во посета на Лондон, каде што се сретна со државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство, Лиз Трас, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македониј се наведува дека двајцата министри разговарале за развојот на билатералните односи меѓу двете земји, но дека голем дел од разговорот бил посветен и на регионалните предизвици и европската перспектива на Северна Македонија.
„На средбата беше констатирано дека текот на имплементацијата на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство е многу значајна компонента во развојот на целокупните релации. Разговараа и за континуираната успешна соработка во областа на одбраната, а како исклучително значајна е долгогодишната британска поддршка за јакнење на воените капацитети на нашата земја и секако за соработката во НАТО, како уште една алка на поврзување и соработка на двете земји во иднина“, се вели во соопштението.
Според соопштението, соговорниците констатирале дека Западниот Балкан има важна улога за севкупната стабилност и напредок на Европа, а интеграцијата на регионот во ЕУ претставува заемен геостратешки интерес од политички, безбедносен и економски аспект.
„Соговорниците се согласија дека е неопходен засилен ангажман и присуство во регионот на Обединетото Кралство, САД и Европската Унија, што ќе придонесе кон остварување на заедничката цел – стабилен и просперитетен регион. Европската и евроатлантската перспектива остануваат главна движечка сила за трансформација на сите земји од регионот во демократски и економски развиени општества и во таа насока отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со Европската Унија позитивно влијае на стабилноста и долгорочниот развој на целиот континент“, се истакнува во ова соопштение.
Османи на маргините на министерскиот состанок во Лондон се сретна и со Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина, и со Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, но и со министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисерка Турковиќ.