Балкан

„Да не се оди на избори, туку да се даде шанса на економијата“

„Очекувањето е дека ќе имаме стабилни цени и ниска инфлација од 2 процента. Исто така, стапката на невработеност ќе се намали и ќе изнесува околу 20 проценти“, рече министерот за финансии на Република Македонија, Драган Тевдовски.

Husameddin Gina  | 13.11.2018 - Обновена : 14.11.2018
„Да не се оди на избори, туку да се даде шанса на економијата“ (Foto: Husameddin Gina/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Да не се оди на избори, туку да се даде шанса на економијата. Предвремените парламентарни избори ја умртвуваат економијата за 4 до 6 месеци, истакна премиерот на Република Македонија на денешната втора Буџетска конференција во Стопанската комора на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерот Заев, на втората Буџетска конференција, пред голем број бизнисмени нагласи дека одржувањето предвремени парламентарни избори е погубно за економијата, ја отежнува работата на бизнисот, го прави непредвидлив и го оневозможува неговото планирање.

„Да не се оди на избори, туку да се даде шанса на економијата. Зошто? Иако имаме претседателски избори, тоа поприлично е примамливо, бидејќи со ист трошок можеби треба да се направат предвремени парламентарни избори, но сите знаеме, кога има парламентарни избори, како тоа психолошки и како практично влијае на бизнисот и на економијата. Поради тоа што парламентарните избори буквално ја умртвуваат економијата меѓу 4 и 6 месеци“, изјави премиерот Заев.

Премиерот на денешното обраќање се осврна и на праведното оданочување, чиј праг по сугестија на Комората е подигнат на 1.500 евра. „Прифативме дека 1.000 евра праг е малку, затоа прагот на оданочување го подигнавме на 1.500 евра“, изјави Заев.

„Верувам дека тоа ќе се врати на стопанството, но секако, сите сме согласни дека сакаме да гледаме среќни луѓе, не сакаме да гледаме сиромаштија. Тешко ни паѓа на сите кога гледаме како се проси пред улица, како деца сѐ уште спијат под мостови“, нагласи Заев.

На денешната втора Буџетска конференција министерот за финансии, Драган Тевдовски, ги презентира проекциите во Буџетот на Република Македонија за 2019 година и планираните макроекономски остварувања.

Според Тевдовски, идната година се очекува ниска инфлација и намалување на невработеноста.

„Очекувањето е дека ќе имаме стабилни цени и ниска инфлација од 2 процента. Исто така, стапката на невработеност ќе се намали и ќе изнесува околу 20 проценти“, рече Тевдовски.

Министерот за финансии, во однос на најважниот данок со којшто се полни Буџетот, ДДВ-то, истакна дека во 2019 година, како и досега, успешно и неселективно ќе го спроведуваат повратот на ДДВ кон компаниите.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.