Ivana Ramadanova
15 Март 2018•Ажурирај: 17 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - По повод 15 март - Светскиот ден на правата на потрошувачите, Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) во соработка со Министерството за економија и Стопанската комора на Македонија, денеска во Скопје организираа настан под мотото „Да го направиме дигиталниот пазар по фер за потрошувачите“, јавува Anadolu Agency (AA).
Организаторите соопштија дека Светската потрошувачка организација, со своите членки, меѓу кои и ОПМ, работи на голем број проекти, кои ќе помогнат да се изгради дигитален свет на кој потрошувачите ќе можат да веруваат.
Според Маријана Лончар-Велкова од Организацијата за потрошувачи, целта е да постои сигурност дека правата на луѓето се заштитени онлајн и дека потрошувачите од целиот свет имаат пристап до онлајн-услугите и производите, на кои можат да веруваат.
„Сега мораме да зборуваме за дигиталниот пазар и да видиме како да се заштитат нашите потрошувачки права, особено оние што се однесуваат на личните податоци во доменот на нашата приватност. Сè повеќе, овие играчки, кои се јавуваат како паметни и конектирани, имаат голем проблем, бидејќи софтверот кој се наоѓа во тие играчки не е абдејтуван, односно не е софтвер, кој нуди заштита на вашето дете и на семејството“, истакна Лончар-Велкова.
Таа истакна дека граѓаните, најголеми поплаки имаат во однос на мобилните телефони, кои често имаат софтверски грешки, додавајќи дека тука спаѓа и белата техника, производите во домаќинството за кои, како што рече, граѓаните очекуваат рокот на траење да биде поголем, но рокот обично трае онолку колку што е гаранцијата на производот.
Во однос на онлајн-продажбата, Лончар-Велкова истакна дека кај нас само 25 проценти купуваат онлајн и тоа најчесто обувки и гардероба.
Годишниот број претставки од потрошувачите во однос на храната се движи меѓу 300 и 400, но најголем број од претставките се неосновани поради неедуцираноста на купувачите.
На настанот беа презентирани и стратегиските определби на ОПМ: донесување нов закон и стратегија за заштита на потрошувачите.