Abdula Berısha
05 Февруари 2020•Ажурирај: 05 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Советот за етика во медиумите (СЕМ) во Северна Македонија, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за внатрешни работи одржаа прес-конференција за адресирање на говорот на омраза во медиумите за време на предизборниот период, јавува Агенција Анадолија (AA).
Нагласувајќи ја важноста на медиумите, министерот за внатрешни работи во техничката Влада на Северна Македонија, Наќе Чулев, ја истакна подготвеноста за соработка со новинарските и медиумските здруженија.
„Сепак, дозволете ми да нагласам дека говорот на омраза во медиумите, пред сѐ, примарно е задача или обврска на самите медиуми, на нивните уредувачки правила и професионални стандарди. Полицијата не може ниту пак сака некому да му биде уредник и редактор. Она што полицијата го може и зад што резолутно ќе застане е стриктната примена на законските одредби во поглед на говорот на омраза, којшто како девијантна појава е веќе нормиран во нашето законодавство“, рече Чулев.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, рече дека говорот на омраза е пречка за политичко помирување и подобрување на меѓуетничките односи, потсетувајќи дека во последните години има зголемување на случаите на говор на омраза.
„Податоците што се состојат од над 300 инциденти покажуваат вознемирувачки тренд и шема. Негативните забелешки и говорот на омраза го наоѓаат патот до онлајн медиумите и брзо се шират и се размножуваат на социјалните мрежи“, рече Која, додавајќи дека потоа овие забелешки се пренесуваат и од традиционалните медиуми.
Директорката на СЕМ, Марина Тунева, рече дека говорот на омраза е присутен во јавната сфера во Северна Македонија со години, особено за време на предизборните кампањи, додавајќи дека тоа има негативни последици за општеството.
„Согледувајќи ја потребата од заедничко дејствување и меѓусекторска соработка, СЕМ минатата година го иницира формирањето на мрежата за борба против говорот на омраза во медиумите. Во неа, со потпишување на декларација против говорот на омраза во медиумите и интернетот, учествуваат професионални медиумски и новинарски здруженија, доносители на одлуки, државни регулаторни тела“, рече Тунева.
Потсетуваме, во Северна Македонија е предвидено одржување предвремени парламентарни избори на 12 април, а според уставните одредби, Собранието треба да се распушти 60 дена пред денот на одржување на изборите.