Husamedin Gina
22 Мај 2019•Ажурирај: 23 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), денеска во Скопје се одржа конференција на тема „Реформа на системот за државно финансирање на граѓанските организации“, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата се дебатираше за потребата од државна поддршка на граѓанските организации, за различните модели за поддршка на развојот на граѓанското општество и за начините на финансирање.
Свое обраќање на конференцијата имаше и премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, кој истакна дека Владата е подготвена за реформа на системот за државно финансирање на граѓанските организации, бидејќи во изминатите две години виделе бенефит од граѓанската гласност.
„Јас неколку пати кажувам дека 2018 година веројатно имаме заштеди околу 100 милиони евра поради транспарентност. Тоа значи фул мониторинг преку медиуми, граѓанска гласност и слично, ги става институциите помалку да крадат пари. Ја отклонува корупцијата, што е еден квалитатив и заштедува огромни пари“, нагласи премиерот Заев.
Премиерот, исто така, посочи дека многу е важно изворите за финансирање на невладините организации да бидат независни и да не зависат од кој било премиер или министер, сегашен или во идните влади.
„Ако се придвижат до крај процесите со интеграцијата во Европската Унија, верувам дека ќе добиеме и некои нови дополнителни мотивации, иако нема да бидеме веднаш членка на ЕУ, но со отворањето на поглавјата, имаме и пристапност и дигање на капацитетите“, рече Заев.
На конференцијата, исто така, беше соопштено дека Владата на Северна Македонија, во последните две години (2017 и 2008) на невладините организации од буџетските средства им доделила повеќе од 7 милиони евра на годишно ниво.
На конференцијата беше наведено дека во Северна Македонија од буџетот најмногу пари им се доделуваат на политичките партии преку Министерството за правда, а потоа следуваат средствата што му се доделуваат на Националниот совет за инвалидски организации.
„Уделот на државното финансирање во буџетите на граѓанските организации, во споредба со регионот, во Северна Македонија е најнизок и изнесува само 3 отсто, наспроти Словенија со 24 отсто и Хрватска со 13 отсто“, беше истакнато на конференцијата.