Ivana Ramadanova
11 Мај 2016•Ажурирај: 12 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска денеска во Скопје ја отвори втората конференција "Отворено владино партнерство - дијалог со граѓанските организации за Националниот акциски план 2016-2018", во организација на проектот ТАКСО (Техничка поддршка за граѓанските организации) и МИОА, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на конференцијата е да ја промовира иницијативата „Отворено владино партнерство меѓу граѓанските организации и подетално да ги информира за остварениот прогрес, да создаде простор за дискусија меѓу граѓанските организации и владините институции за искуствата и предизвиците во спроведувањето на вториот акциски план и да им овозможи на граѓанските организации да дадат насоки и препораки за дизајнирањето на следниот акциски план.
Подготовката на новиот акциски план формално почна во средината на март годинава, а во активностите се вклучени околу 100 граѓански организации.
"Република Македонија уште во 2011 година се приклучи на глобалната иницијатива "Отворено владино партнерство” коja што беше промовирана во рамките на генералното собрание во ОН. Од тогаш па навака сите земји кои се членки на оваа иницијатива а тоа се 68 земји покрај Македонија имаат обврска на секои две години да прават акциски планови во кои што ќе ги утврдат мерките и активностите кои имаат цел да придонесат за едно поотворено и подемократско општество со потранспарентно работење на владите и нивен отчет за подобар консултативен процес помеѓу владите и граѓанаското општество и испорака на јавните услуги", изјави Томовска.
Арсовска-Томовска потенцира дека предлог мерките во Нацрт акцискиот план се поврзани со општествените развојни цели содржани во агендата за одржлив развој, а особено со целта 16 „Промовирање на праведни, мерни и инклузивни општества“.
На конференцијата присуствуваше и Луиза Винтон, постојаната координаторка на Обединетите нации која истакна дека за напредок е потребна транспарентноста на сите институции кои се одговорни и отворени кон нивните граѓани, учеството на граѓаните и владеењето на правото.
"Ние сме задоволни што Македонија ја прифати оваа агенда и му честитаме на Министерството за информатичко општество и Центарот за истражување и креирање политики што работат заедно кон подготовката на новиот акциски план кој всушност ги спојува одржливите развојни цели и отвореното валдино партнерство", изјави Винтон.
Владата на Република Македонија во 2011-та година пристапи кон глобалната инцијатива за Отворено владино партнерство која претставува меѓународна платформа во рамките на која Владите и граѓанските организации се залагаат за Влади кои се поотворени и поодговорни кон граѓаните. Согласно обврските за сите земји кои се приклучија кон оваа инцијатива Владата во 2012 година ro усвои првиот Акциски план, a во 2014-та беше усвоен вториот акциски план за периодот 2014-2016 година.