Husamedin Gina
05 Април 2019•Ажурирај: 06 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - „Владата на Република Северна Македонија ќе ги поддржи и поттикне компаниите да започнуваат иницијативи кои ќе овозможат дополнително породилно боледување за мајките по раѓањето на нивните бебиња“, порачаа владините претставници кои денес присуствуваа на работната средба со стопанските комори и компаниите кои воведоа дополнителни три месеци породилно боледување за мајките по породувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска присуствуваа на работна средба со стопанските комори и компаниите што воведоа дополнителни 3 месеци породилно боледување за мајките по породувањето.
Премиерот Зоран Заев, во изјавата за медиумите веднаш по завршувањето на работниот состанок, истакна дека иницијативата на компаниите претставува одличен пример и инспирација за сите други фирми.
„Се работи за иницијатива којашто самите компании, во разговор со синдикатите, со своите вработени и менаџерски тимови, одлучиле да овозможат дополнителни 3 месеци породилно боледување за мајките по раѓањето на своето детенце, којашто како иницијатива навистина благопријатно влијае на сите, знаејќи дека е од огромна важност за животот на сите граѓани”, истакна премиерот Зоран Заев, додавајќи дека ваквите иницијативи сакаат да ги поддржат бидејќи се важни и од социјален и од солидарен аспект, а и од аспект на негувањето на младите генерации во здрав дух.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, изјави дека како Влада ќе ги поддржат и поттикнат и останатите компании да започнуваат ваков тип на иницијативи.
„Шест македонски компании добија признание затоа што навистина се општествено одговорни, од една страна, но од друга страна, за прв пат покренаа иницијатива каде што се прикажува дека компаниите се грижат да се балансира работниот живот со приватниот живот. А тоа е потребно за да имаме поквалитетни, попродуктивни работници“, рече Царовска, потсетувајќи дека новиот Закон за работни односи што се планира да биде донесен, треба да овозможи флексибилност и сигурност на работникот и да ги задоволи двете страни, и работникот и работодавачот.