Ahmet Nurduhan
15 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
САРАЕВО (АА) - Стипе Плеиќ, познат како „Викингот од Босна“, кој живее во Томиславград, Босна и Херцеговина, привлекува внимание со својот необичен начин на живот.
Плеиќ, кој својата куќа во која е роден и израснат ја претвори во работилница во која изработува викиншки секири, за Агенција Анадолија (АА) раскажа за својата животна приказна и планови.
Наведувајќи дека долги години живеел во Германија, а потоа решил да се врати во градот каде што е роден, Плеиќ рече дека начинот на живот на викинзите првпат го видел во една телевизиска серија и дека останал под влијание на животот на викиншкиот воин Рагнар Лодброк и неговата легендарна жена воин, сопругата Лагерта.

„Додека ги гледав овие серии, навистина ми се допаднаа секирите што викинзите ги користеа како воено оружје. Секогаш бев заинтересиран за обработка на дрво. Затоа се обидов да направам викиншка секира“, рече Плеиќ.
Посочувајќи дека се обидел да направи нови секири по изработката на првата секира, Плеиќ рече: „По секирите што ги направив и телевизиските серии што ги гледав, се заинтересирав и за скандинавската митологија. Почнав да произведувам други викиншки оружја и алатки што ги видов во сериите.“
Плеиќ истакна дека викиншкото оружје и предмети што ги направил вклучуваат штитови, мечеви, копја и столици.
- „Тоа за мене е хоби“ -
Наведувајќи дека својата стара куќа пред две години ја направил да биде слична на викиншките куќи, Плеиќ рече:
„На почетокот сакав да изградам дрвен брод. Откако го изградив и го завршив бродот, помислив дека оваа стара куќа може да се користи многу подобро, па ја претворив во куќа слична на викиншките куќи. Тоа го направив пред 2 години.“

Нагласувајќи дека овој бизнис не го работи за профит, Плеиќ рече: „Ова е хоби за мене. Се трудам во време на модерниот живот што е можно повеќе да живеам како викинг. Ова го правам чисто за себе. Продавам секири, иако многу малку, но генерално ова е хоби за мене.“
За секирите што ги прави, Плеиќ вели: „Сите се произведени во мојата работилница. Изработени се рачно. Сите се различни една од друга. Сето тоа е уникатно.“
Наведувајќи дека наскоро ќе отвори „Клуб за фрлање секири“ во Босна и Херцеговина, Плеиќ рече: „Мојата цел е да поминувам време со оние што се заинтересирани за овој спорт. Овој спорт е многу развиен во САД, Канада и Франција. Во Загреб има клуб наречен 'Axe Throwing Arena'. Со нивна помош наскоро ќе имаме свој клуб.“
Додавајќи дека веднаш по отворањето на клубот сака во Босна и Херцеговина да започне со „шампионат во фрлање секира“, Плеиќ додаде дека на ова натпреварување може да учествуваат сите, и државјаните на Босна и Херцеговина и тие што не се државјани.